Девојката којашто беше барана од полицијата во американската сојузна држава Колорадо поради закани, а била фасцинирана од масакрот во „Колумбајн“ пред точно 20 години, во средата пладнето по локално време е најдена мртва.
Шерифот на округот Џеферсон, во предградие на Денвер, Џеф Шрејдер, изјави на прес-конференција дека 18-годишната Сол Паис „им подлегнала на повредите“.
„Мислам дека ФБИ не ја следел во моментот кога е пронајдена“, прецизирал шерифот.
Федералната полиција претходно го предупреди населението дека Сол Паис е вооружена и дека се заканувала со напад врз училиште на подрачјето на Денвер. Паис купила оружје во понеделникот кога стасала во Денвер, прецизираа од Федералното биро за истраги и предупреди дека претставува потенцијална закана. Властие објавија нејзина фоторгафија, а стотици училишта во државата Колорадо во средата не работеа.
Потрагата по тинејџерката започна додека во САД се подготвуваат комеморациите за масакрот во гимназијата „Колумбајн“, во преградие на Денвер. На 19-ти април 1999 година двајца тешко вооружени ученици на 17 и 18 години за неколку минути убија 12 ученици и еден професор, а потоа извршија самоубиство.