Том Круз со „Топ Ган“ до најголемата заработка во филмската историја

Рекордот моментално го држи Вил Смит

Американската ѕвезда Том Круз ќе стане актерот кој заработил најмногу од еден филм во историјата, доколку се остварат предвидувањата дека неговиот филм „Топ ган: Маверик“, продолжението на култниот „Топ ган“ ќе заработи најмалку 1,3 милијарди долари, според американските медиуми.

Рекордот моментално го држи Вил Смит, кој заработи 100 милиони долари од третиот дел од франшизата „Мажи во црно“, глумејќи агент.

На Том Круз му биле платени 12,5 милиони долари за да го сними својот најнов филм, но веќе има собрано дополнителни 55 милиони долари врз основа на неговиот процент од вкупната заработка, кој моментално изнесува 1,1 милијарда долари.

Се проценува дека филмот сигурно ќе заработи повеќе од 1,3 милијарди, што би го подигнало приходот на Круз на 100 милиони, бидејќи според договорот, процентите од неговата заработка се зголемуваат со зголемувањето на вкупната заработка на ова акционо остварување.