Актуелните шампиони во НБА лигата, кошаркарите на Торонто Рапторс се на чекор од пласманот во вториот круг од годинешното доигрување за првак кое се одржува во Орландо, откако во третиот меч од првиот круг во Источната конференција убедливо го совладаа тимот на Бруклин Нетс со 117:92 и поведоа со 3-0 во серијата до четири победи.
Торонто и на овој, како уште од првиот меч, постојано беа во водство, а во последната делница имаа предност дури и од 31 кош. Рапторс поведе со 24:17 на крајот од првата четвртина и со 57:42 на полувремето, а со 84:68 на крајот од третата делница
Паскал Сиекам беше најефикасниот кај Рапторс со 26 коша, Фред Ванвлит додаде 22, а додека ветеранот Серж Ибака кој не беше во почетната петорка додаде 20 поени со 13 скокови.
Кај ослабените Нетс, кои во Орландо настапуваат без Кевин Дурант и Кајри Ирвинг, а во однос на вториот дуел и останаа и без Џо Харис кој го напушти „балонот“ од лични причини, најефикасен беше Тајлер Џонсон со 23 коша. Карис Леверт постигна 15, Крис Кјоза 14, а Тимоте Луваву-Кабарот додаде 10 поени.
Четвртиот натпревар меѓу истите противници на програмата е по два дена.