Траги од кокаин откриени во домот на поранешната британска премиерка Лиз Трас

Траги од дрога биле пронајдени во домот на британската политичарка Лиз Трас по забавите на кои присуствувале нејзините политички сојузници, објави Гардијан.

Според изворите, белиот прав бил откриен на имотот минатото лето во деновите пред Трас да победи во трката за лидер на Ториевците и да стане премиерка на Велика Британија.

Еден член на персоналот тврдел дека го тестирал прашокот со помош на брис што ја менува бојата кога е во контакт со кокаин, а тоа укажувало на присуство на дрога. Поседувањето кокаин е кривично дело кое може да доведе до затвор до седум години или неограничена парична казна, посочува Гардијан.

Одделни извори опишуваат дека биле пронајдени слични траги во канцелариите на Даунинг стрит бр. 10 по две забави одржани кога Борис Џонсон беше премиер.

Лицата кои работеле на имотот на Трас рекоа дека двапати пронашле траги од бел прав на страничната маса во собата за билијард, каде што е познато дека Трас ги забавувала гостите во домот во Кент.

Трас, тогашна министерка за надворешни работи, беше домаќин на собир во домот од 17 век за време на викендот од 19 до 21 август, кога нејзината лидерска кампања беше во полн ек. Во текот на викендот од 2 до 4 септември се одржа уште еден собир. На двата викенда присуствуваа голем број политички сојузници, додава Гардијан.