Трамп го укина ограничувањето за употреба на противпешадиските мини

Американскиот претседател Доналд Трамп во петокот го укина ограничувањето за американската армија од 2014 година поврзано со употребувањето на противпешадиските мини кои се погубни за цивилното население.

„Новата политика ќе ѝ овозможи на воената команда во вонредни околности да користи напредни противпешадиски мини посебно изведени да го намалат ранувањето на цивилите и на партнерските сили“, се наведува во соопштението на Белата куќа.

„Тргнувајќи од силните заложби да се гарантира способноста на нашите вооружени сили да се спротистават на секакви закани, американскиот претседател Доналд Трамп ја укинува забраната која ја наметна администрацијата ја Барак Обама за употреба на противпешадиските мини надвор од Корејскиот полуостров“, се наведува во соопштението на Белата куќа.

Трамп со тоа ја поништи одлуката на својот претходник Барак Обама за делумното придружување на САД на договорот за забрана на противпешадиските мини, кој го ратификуваа 164 земји во светот. Договорот забранува користење, складирање, производство и пренесување на противпешадиските мини кои се вкопуваат во земјата и експлодираат кога ќе се стапне на нив.

САД не ја потпишаа оваа конвенција, но од 1991 година, според официјалните податоци, ги користеле само во 2002 година во Авганистан. Обама го забрани користењето на противпешадиските мини, освен на Корејскиот полуостров, каде што американската војска го задржува правото да ги поставува.

Министерството за одбрана на САД утврдило дека ваквите ограничувања ја ставаат војската во „неповолна положба во текот на конфликт“. Пентагон воведува нова политика по ова прашање, истакнуваат од Белата куќа.

Американскиот министер за одбрана, Марк Еспер, во петокот ја поздрави одлуката на претседателот Доналд Трамп.

„Противпешадиските мини се важна алатка која нашите сили мора да ја имаат на располагање за да осигураат успех на своите мисии. Со мините опремени со новата технологија, мислам дека се уверивте дека внимателно разгледавме како тие ќе бидат користени и што со нив ќе се случи по судирите, што е често прашање“, изјави Еспер.

Новите ткн напредни мини коишто американската армија ќе може сега да ги користи, би требало да се самоуништуваат доколку не се активирани во одреден рок. Завојуваните страни редовно ги оставаат противпешадиските мини зад себе по заминувањето од боиштата, па тие и натаму убиваат и осакатуваат главно цивили.