Трамп: Причина за прекин на преговорите се неприфатливите барања на Пјонгјанг

© REUTERS/Leah Millis

Американскиот претседател Доналд Трамп во четвртокот во виетнамската престолнина Ханој, по неуспешниот самит со севернокорејскиот челник Ким Џонг-ун, објави дека договор не е постигнат поради барањето на Северна Кореја за целосно укинување на санкциите против неа.

„Станува збор за тоа дека бараа укинување на санкциите во целост, но ние тоа не можевме да го сториме… моравме да заминеме“, рече американскиот претседател Доналд Трамп пред новинарите откако претходно Белата куќа објави прекин на американско-севернокорејските разговори на врвот.

Трамп и севернокорејскиот водач Ким Џонг-ун не успеале да постигнат договор за денуклеаризацијата на Корејскиот полуостров во четвртокот веднаш по почетокот на вториот ден од самитот во Ханој.

Трамп додаде дека „сметавме дена не е добро да се потпишува што и да е“. „Понекогаш треба да заминете, и ова беше таков случај“, рече Трамп. Американскиот претседател рече и дека Ким бил подготвен да се откаже од некои севернокорејски нуклеарни постројки „но не од оние кои ние ги баравме“. „Во замена за тоа не можевме да ги укинеме сите санкции“, рече Трамп.

Појасни дека фактот што Северна Кореја била подготвена да направи извесни отстапки во замена за симнувње на санкциите, не им одговарало на САД. Трамп додаде дека Пјонгјанг барал симнување на сите санкции во замена за демонтирање на нуклеарните постројки во Јонгбјон.

Притоа американскиот претседател истакна дека Вашингтон не планира да ги заострува санкциите против Пјогнјанг, и оти сегашните ги смета за доволни.

Според Трамп, Ким ветил дека и во иднина неговата земја нема да спроведува нуклеарни и ракетни тестирања. Истовремено, американскиот претседател рече дека САД наскоро ќе спроведат инспекции на севернокорејски нуклеарни објекти.

Трамп пред новинарите, исто така, рече дека одлуката да не се склучуваат никакви конкретни договори со Северна Кореја на крајот од самтот не било само негово мислење. Додаде дека договорот бил подготвен за потпишување, но двете страни решиле да се откажат од него.

Сепак, додаде Трамп, САД и Северна Кореја имале „многу продуктивен самит“. Американскиот челник додаде дека самитот завршил во „пријателска атмосфера, и покрај разликите“.

Трамп, покрај тоа, смета дека важна е соработката со Кина, Русија, Јужна Кореја и Јапонија за севернокорејскот прашање. Рече дека во текот на летот за САД ќе ги информира челниците во Сеул и Токио за резултатите од самитот во Ханој.