Поранешниот американски претседател Доналд Трамп во интервју со Пирс Морган откри како му се заканувал на Путин во однос на нуклеарното оружје, а и што би му рекол доколку сега е на чело на САД, пишува Мондо.
– Му се заканував како никогаш порано. Му кажав каков ќе биде нашиот одговор, а тој ми рече: „Навистина.“ Јас му одговорив: „Навистина – изјави Трамп, без да дообјасни за што точно зборувале со Владимир Путин.
Трамп откри како би се справил со можната нуклеарна војна поради Украина:
– Би им рекол (на Русите): Имаме многу повеќе од вас. Ние сме далеку, многу помоќни од вас. И да не сте го спомнале повеќе тој збор – нуклеарно (оружје). А ако тоа го направите, ќе има проблеми – рече тој.
Трамп ги критикуваше политиките на Џо Бајден. Тој предупреди дека светот ќе биде „растргнат на парчиња“ доколку „глупавите“ лидери не внимаваат.
– Нашите лидери не се паметни, и ако не се паметни, потенцијално би можеле да завршиме во нуклеарна војна. Ова е почетокот. Бев најдобриот предвидувач на работите досега. Можеби сепак таква војна нема да се случи. Но, мислам дека тие (Американците) погрешно го третираат Путин – рече Трамп.
Што се однесува на Путин, Трамп прво го пофали во интервјуто. Тој му се воодушевува на потегот на рускиот претседател да распореди над 100.00 војници и опрема на руско-украинската граница.
– Кога ги собра војниците на границата, реков дека тој е многу паметен, брилијантен потег бидејќи мислев дека преговара. Кога влезе (во Украина), реков дека тоа веќе не е одличен потег – рече тој.
Еден од најбизарните моменти во интервјуто беше кога Трамп го критикуваше Путин за користење на „зборот на Н“, мислејќи на „нуклеарно“.
– Јас тоа го нарекувам „зборот на Н“. „Путин постојано го користи „зборот на Н“, нуклеарниот збор. Тоа е не-не. Тој не треба да го прави тоа – предупреди Трамп.