Три регистри кои ќе им бидат од голема помош на граѓаните, компаниите и потенцијалните инвеститори, воведува македонската Влада преку Агенцијата за Катастар.
Станува збор за регистер за недвижности, цени и адреси.
За деталите околу овие регистри денес информираа портпаролот на македонската Влада, Александар Ѓорѓиев и директорот на Катастарот, Славчо Трпевски.
Недвижности
Усвоен е акциски план и овој регистер ќе биде користен од првиот квартал на 2016-та година. Во него ќе бидат евидентирани сите парцели каде е предвидено да се гради. Овој регистер ќе биде многу значаен за остварување на клучната владина цел- привлекувањето на инвеститори кои отвораат нови работни места. Компании од цел свет ќе имаат пристап до овој регистер. Со неколку клика на Интернет, ќе ја погледнат целата територија на Република Македонија, конкретен град и населено место. Проектот ќе се финансира од државниот буџет и чини половина милион евра.
Цени
Регистерот на цени ќе ги содржи сите карактеристики кои ќе им бидат од голема помош на заинтересираните купувачи. Овој регистер е посебно важен за граѓаните, кои со него нема да можат да бидат измамени при купување на стан, куќа, земјоделско земјиште, парцели, локации за трговски центри…Целиот процес ќе се спроведува преку транспарентен начин, јавно достапен за сите. Агенцијата за Катастар со помош на експерти подготви детална студија, а во моментов се работи на дефинирање на прашалникот кој ќе биде доставуван. Доколку некој, на пример, сака да купи стан во Кисела Вода, тој преку овој регистер ќе може да ги погледне и спореди цените на станови во секој дел на Кисела Вода и околните населби, на нивната претходна цена, на локацијата…
Адреси
Проектот ќе започне како пилот-проект, во соработка меѓу Катастерот и Град Скопје. Ова е новина во Македонија и се спроведува под целосна европска директива. Ќе биде спроведен во 2016-та година. Специјален софтвер ќе ги даде јасно информациите за тоа колку чинат парцелите и каде конкретно се наоѓаат. Дали околу нив има училиште, болница, населени места.
На сите три регистри целта е граѓаните полесно и најефикасно да се информираат, инвеститорите да се запознаат- за што станува збор, каде се наоѓа и колку чини.