Турција ќе дозволи туристички посети на „Аја Софија“, остануваат христијанските икони и фрески

Славната истанбулска градба „Аја Софија“, подигната како најголем христијански храм во еден период по десет векови претворена во џамија а минатиот век во музеј, која минатиот петок повторно е претворена во џамија, ќе биде отворена за посетители кога во неа нема да се изведуваат муслиманските молитви, а христијанските симболи и прочуените мозаици ќе останат нејзин составен дел, потврди во вторникот турската Управа за религиски прашања (Дијанетот).

Како што се наведува во соопштението на Дијанетот, христијанските икони во истанбулска „Света Софија“, која е на листата на УНЕСКО како дел од светското културно наследство, ќе бидат прекриени со завеси или замрачени додека траат муслиманските верски обреди. Но засега не е познато како точно овие мерки ќе се спроведуваат.

Молитвите во „Аја Софија“ во иднина ќе се одржуваат пет пати дневно, а секоја ќе трае просечно по петнаесетина минути. Минатата седмица турскиот претседател Реџеп Тајип Ердоган најави дека импозантната градба од VI век повторно ќе биде џамија, а тоа го стори откако Државниот совет, највисокиот управен суд во Турција ја прогласи неважечка одлуката на турската влада од 1934 година со која нејзиниот статус е променет во музеј.

Иконите, и животописите на кои се прикажуваат луѓе или животни се забранети на местата на кои се молат муслиманите. Поради тоа, сите фрески и мозаици во „Света Софија“ биле прекриени со малтер откако османлискиот владетел Мехмет Втори го освоил Цариград во 1453 година и ја претворил во џамија, а потоа со години биле симнувани откако во 1935 година е прогласена за музеј, а во неа се сочувани и историските муслимански обележја создавани низ вековите.

Ердоган најави дека влезот во „Аја Софија“ ќе биде бесплатен за посетителите од сите религиски определувања, а ги повика сите да ја почитуваат одлуката за претворањето на историскиот комплекс во џамија.

САД, Европската унија, Грција и Русија, заедно со УНЕСКО и повеќе други меѓународни организации изразија негодување поради пренамената на „Аја Софија“, којашто досега беше се дожувуваше како симбол на секуларната модерна Турција како демократска република.