Минатонеделната балканска турнеја на турскиот претседател Ердоган, во македонските медиуми беше скромно одбележана. Дотолку повеќе што се работи за турнеја на претседателот на најмоќната балканска регионална сила. Мирот, стабилноста, па и економскиот раст на целиот регион во голема мерка зависат од однесувањето на Турција. Кон ова секако дека требе да се додаде и фактот дека Турција е регионална сила на Блискиот и Средниот исток, но и црноморскиот и кавказкиот регион. На тој начин таа фактички го поврзува Балканот со најгорливите воено-политички жаришта во светот. Од аспект на Македонија, таа истовремено е држава која има отворени прашања со Грција. Оттука не треба да изненадува вниманието со кое грчките медиуми ја следеа и известуваа за оваа турнеја.
Република Турција, под водство на претседателот Ердоган, надворешната политика ја води согласно своите јасно дефинирани национални интереси. Дополнително таа е моќен инструмент за реализација на нејзината нео-отоманска политика, но и заштитник и подржувач на муслиманите ширум светот. Со самото тоа таа на своевиден начин преставува и дестабилирачки фактор во региони каде општествата се религиски поделени.
Посетата на Ердоган на Тирана беше одбележана со свечено отварање на една од најголемите џамии на Балканот, целосно финансирана од Република Турција. Пораката до муслиманскиот свет на Балканот, но и пошироко е повеќе од јасна. Турција безрезервно стои зад своите соверници-муслиманите. Косово е најдобриот пример. Ердоган ризикуваше да ги влоши односите со Србија, но сепак одлучи на Косово да му додели воени дронови од типот „бајрактар“. Оттука не треба да звучат изненадувачки зборовите на албанскиот премиер Рама дека Турција е најголемиот пријател на Косово.
Дводневаната посета на претседателот Ердоган на Србија, не може да се спореди со посетата на Албанија. Тоа беше средба на лидери на две регионални сили кои имаат комплексни интереси. Ердоган да ги штити интересите на муслиманите, а Вучиќ интерсите на Србите. Од тие причини најголем дел од времето во текот на разговорите беше посветено на состојбите во Косово и Босна и Херцеговина. При ова, двајцата соговорници прифатија дека отворените прашања со Косово и Босна и Херцеговина треба да се решаваат преку дијалог, без употреба на насилни средства. Ваквиот генерален и всушност необврзувачки став е само доказ дека Турција и Србија имаат јасно поделена сфера на влијание, посебно во Босна и Херцеговина. Вучиќ го прифаќа турскиот есклузивитет врз муслиманите на Балканот. Оди и чекор понатаму! Дозволува турското влијание во регионот на Нови Пазар да се шири. Турција од своја страна целосно ја прифаќа политиката на Србија за српскиот свет.
Во однос на турската нео-отоманска политика, и премиерот Рама и Претседателот Вучиќ генерално немаат некои спротивставувања. Желбата на Турција да ја обнови Отоманската империја во своите културни и економски граници, фактички е и подржана, се разбира, не гласно, од страна на двајцава лидери. Едноставно Ердогановиот неоотоманизам значи повеќе турски инвестиции во овие две држави. Нешто што во крајна линија и одговара на самата Турција. Таа преку политиката на неоотоманизам го зајакнува своето присуство на пазарите на Западен Балкан. Истовремено преку постојното потсетување на историските врски ја зајакнува и преставата за неспорен пријател на балканските народи.
Република Македонија е дел од оваа турска хегемонистичка политика. При ова, за да нема забуни, турската хегемонистичка политика кон Западен Балкан, а во тие рамки и Македонија, не значи непријателство. Турција во суштина е докажан пријател на Македонија. Се разбира толку колку што и’ дозволуваат нејзините национални интереси, но и глобалниот распоред на силите. Од тие причини, министерот за надворешни работи на Турција беше во официјална посета на Скопје. Веднаш потоа претседателот на македонското собрание беше во посета на Анкара, каде се сретна со својот турски колега. Се’ на се’ се чини дека македонско-турските односи на официјално ниво не доживуваат посериозни потреси. Во пракса работите се покоплексни. Македонија не е ниту Албанија, ниту Србија. Религиската структура на населението не дозволува истовремено прифаќање на пан-исламизмот и нео-отоманизмот. Меѓу-религиските недоразбирања секогаш се поопасни од меѓуетничките. Религиите ги обликуваат цивилизациите. Со самото тоа меѓу-етничките разлики се цивилизациски. Тие, доколку излезат од контрола многу тешко се смируваат. Актуелниве случувања во Босна и Херцеговина се резултат и на овие конфронтации. Истото е присутно и во односите помеѓу Косоварите и Србите. Од тие причини Ердоган сметаше дека има потреба да ги повика двајцата клучни лидери, Рама и Вучиќ на смирување на тензиите. На Турција, во моментов, заради состојбите на Блискиот Исток, најмалку и одговара конфликт на Балканот.
Генерално земено, населението во Македонија нема некој поголем проблем со турскиот нео-отоманизам. Турските директни инвестиции го поттикнуваат растот на економијата. Турската финансиска и техничка помош овозможува ревитализација, заштита и промоција на културното наследство, посебно отоманското. Во крајна линија, христијанското население во Македонија нема некои поголеми проблеми со исламот. Тој е дел и од вкупното културно наследство, но и секојдневие на граѓаните. И тоа е добро! Се додека исламот не почне да навлегува во политиката. За жал во Македонија тоа се случи!
Формирањето на Европскиот фронт, од страна на ДУИ, не е ништо друго туку исламски фронт. Обединувањето на партиите од турската и ромската заедница не се случи на идеолошка основа. Таа таму ја немаше! На самиот чин на обзнанувањето на овој фронт, еден од лидерите истакна дека коалиционите партнери ги раздвојува само јазикот. Во овој контекст останува прашањето дали и колку турскиот пан-исламизам има влијание врз прифаќањето на овој фронт од страна на турските политички партии во Македонија. Јасната и недвосмислена заложба на Република Турција да се промовира за заштитник на муслиманите, во целост кореспондира со тактиката на ДУИ, но и на некои други албански политички партии. Албанците во Македонија да се преставуваат како жртва и да се бара заштита од Турција. Во крајна линија, турскиот пан-исламизам нема ништо против евентуална федерализација на Македонија. Напротив, Турција тоа не може да го одбие. Дополнително, евентуалната федерализација на Македонија, ќе ја зајакне турската позиција во однос на Грција.
Сепак, за да нема забуни, требе уште еднаш да се потенцира. Турција не е непријателски расположена кон Македонија. Едноставно турската надворешна политика се води од турските национални интереси. Тие такви какви што се дефинирани и се разбира прифатени од турската политичка елита, ја генерираат и ја насочуваат нејзината надворешна политика во целост, но и кон Македонија, посебно.
Прашање е колку и како македонската политичка елита ќе изнајде начин да ги задржи и поттикнува пријателските односи со Турција, а при тоа да парира на пан-исламизмот, а дај боже и нео-отоманизмот. Да попречи секој обид на навлегување на религијата во политиката, но и да поттикне популаризација на современите европски културни достигнувања. За почеток, само како предлог, добро би било да се намали бројот на турските серии што се емитуваат на македонските телевизии. Тие да се заменат со современи серии од различни европски држави.
Автор: Јован Донев за НетПрес