Министерството за одбрана на Турција соопшти во вторникот вечерта за „неутрализирање“ на 611 припадници на курдската милиција од почетокот на операцијата „Извор на мирот“ на 9-ти октомври на северот од Сирија, додека американскиот потпретседател Мајк Пенс се подготвува набрзо во Анкара да издејствува прекин на огнот.
„Вкупниот број терористи на PKK/PYD- YPG (забранетата Работничка партија на Курдистан/ сириската курдска партија Демократска унија и нејзината милиција Единици за заштита на народот – з.р.) кои беа неутрализирани во текот на успешното продолжение на операцијата ‘Извор на мирот’, достигна 611“, се наведува во соопштението на турското министерство за одбрана.
На 9-ти октомври Анкара објави почеток на воената операција „Извор на мирот“ на северот од Сирија, насочена кон курдска милиција Единици за заштита на народот (YPG) кои ги смета за сириски огранок на забранетата Работничка партија на Курдистан (PKK), како и против џихадистичката групација Исламска држава. Во следните неколку дена турските сили и сириската вооружена опозиција која Анкара ја поддржува ја преземаа контролата врз пограничните градови Рас ал-Ајин и Тел Абјад.
САД кои ја вороружуваат и обучуваат апрапско-курдската коалиција Сириски демократски сили (SDF), во кои водечка сила е курдската YPG, го осудија дејствијата на Турција, но сепак според претходната најава ги повлекоа своите сили од подрачјата каде што се одвива турската операција, а Курдите тоа го оценија како кршење на меѓусебниот договор. Пентагон одговори дека повлекувањето на контингентот од Сирија, е поради безбедноста на американските војници и за да не дојде до судир со турските сили.
Истовремено во вторникот вечерта, агенцијата AFP повикувајќи се на извор во администрацијата во Вашингтон, објави дека американскиот потпретседател Мајк Пенс ќе отпатува во Турција „во текот на следните 24 часа“ а да се обиде да постигне договор за прекин на огнот меѓу турските трупи и курдските сили на североистокот од Сирија.
„Нашиот прв приоритет е да ја ангажираме нашата дипломатија со цел да се обидеме да постигнеме прекин на огнот и да ја доведеме ситуацијата под контрола“, цитира агенцијата високопозициониран американски функционер кој говорел под услов да остане анонимен.
Се додава дека Пен ќе биде придружуван од помошникот на американскиот претседател за национална безбеднсот Роберт О’Брајан и американскиот специјален претставник за Сирија, Џејмс Џефри.