
Секторот за внатрешни работи Скопје, до Основното јавно обвинителство во Скопје, поднесе кривична пријава против В.М. (33) од Волково, скопско, поради постоење основи на сомнение дека извршил осум кривични дела “тешка кражба“, притоа стекнувајќи се со противправна имотна корист од околу 943.000 денари.
Според документираните сознанија од истрагата, В.М. сите осум кривични дела ги извршил на ист начин. Тој во становите провалувал со подесен клуч-калауз со кој ги отворал влезните блиндор брави. Од становите В.М. крадел златен накит, пари, лаптоп компјутери, мобилни телефони, а во еден случај и клуч од автомобил.
Тешките кражби осомничениот ги извршил во период од јули лани до март годинава во станови во поширокото централно подрачје на Скопје,во два стана на булеварот Партизански одреди и во станови на улиците 11 Октомври, Атинска, Воин Драшкоци, Желево, Франклин Рузвелт и Димитрије Чуповски.
По низата превземени мерки и активности од страна на СВР Скопје, В.М. е идентификуван како сторител на кривичните дела и завчера е лишен од слобода и приведен во Полициската станица Карпош.