„Љубчо во 1990 година, Георгиевски во 2023 година“

Во политичката тактика на СДСМ препознатливо е тоа што си одржуваат помали партии од десницата во коалицијата кои кога ќе затреба, пред избори или пред некои важни одлуки кои власта сака да ги наметне, ги активира. Највидлив пример е Љубчо Георгиевски, лидерот на ВМРО-Народна партија.

Последниве 12 години интензивно ја демне ВМРО-ДПМНЕ, не верувам дека постои човек што не забележал дека темпирано се појавува со гостувања во емисии, Фејсбук статуси или книги во кои суптилно или отворено ја девалвира партијата која му даде шанса во 1990 година, да стигне до лидерска позиција, а подоцна и до премиерска. И како по шаблон прави споредби, каква била партијата ВМРО-ДПМНЕ кога тој ја водел, па кој бил основач, и секако ја обвинува државата Македонија за сите проблеми со соседите, особено со источниот сосед.

Овој бивш политичар, сеуште го има во јавниот дисурс, благодарение на провладините медиуми на кои им одговара да го покануваат затоа што сигурно ќе ја нападне опозицијата. Во функција на поранешен претседател на партијата е атрактивен гостин. До сега не видов ниту еден новинар, да му постави прашање: Какви ставови имал Георгиевски во 1990 година и денес?! Јутуб е преполн со такви снимки. Ниту еден медиум не направи анализа што е овој човек по образование, па му даваат простор да држи беседи за историјата на македонскиот народ.

Во овој контекст за кој пишувам, минатата недела, го гледав неговото гостување на ТВ24 во емисијата „Аргумент плус“ со новинарката Мирјана Трпческа. Нормално, во првиот дел од емисијата, доминираше разговорот за потребата од уставни измени, во прилог на тврдењето дека се потребни неспорно. Е сега, ниту новинарката, ниту гостинот, не ги споменаа тезите на противниците, зошто не треба да има уставни измени. И тоа искажани од претставници на различни професии, од науката. И во насока на стратегијата, повторно се нападна ВМРО-ДПМНЕ со паушални изјави и спинови. Не можев, а да не се насмеам, кога Георгиевски зборуваше за македонски идентитет и национални интереси. Да имавме професионални новинари, одамна ќе истражеа дека Љубчо Георгиевски, всушност го застапува т.н умерен бугарски поглед кон Македонија и Македонците. Таквиот поглед дефинира дека денес има македонска нација настаната по низа историски околности во 1944 година и постои македонски јазик. Но, до 1944 година нашите предци биле дел од бугарскиот етнички простор.

Од една дискусија на гостинот во емисија поврзана со МПО се потсетив на настанот кој ги раздвои идеологот Драган Богдановски и неговиот избор за претседател на партијата, 26 годишниот Љубчо Георгиевски. А, тоа е посетата на Канада и САД од 30 октомври до 17 ноември 1991 година, на покана на секцијата на ВМРО-ДПМНЕ во Торонто, при што сите трошоци биле покриени за него и сопругата од нашите иселеници. Наголемо се пишуваше како Георгиевски и неговиот пријател бугароман Стојче Наумов (кој го задојува студентот Георгиевски со еднострани читања на македонската историја) биле превезени од Љубен Христов познат МПО-вец од САД и од 1 до 11 ноември бил гостин на таа бугароманска организација. И секцијата на ВМРО-ДПМНЕ од Торонто јавно реагираше на изневерувањето од страна Георгиевски и тој документ постои. Две години подоцна покојниот Бранислав Синадиновски ја издава книгата „ВМРО-ДПМНЕ од визии до стварност“, во која го издига Љубчо Георгиевски на ниво на месија и се разбира, таму ги претставува само неговите искази вклучително и за таа посета на Канада и САД. Зарем Љубчо Георгиевски не го знаел односот меѓу МПО и македонската дијаспора во САД и Канада од претходно, како било можно да сака да се допадне на две суштествено спротиставени страни. Требал да одбере каде ќе оди.

Да се навратам на гостувањето во емисијата „Аргумент плус“, во која што занесениот Љубчо Георгиевски, искажа такви небулози и лукавштини за МПО. Вели дека, македонските Бугари во 1990 година се залагале за самостојна и независна Македонија. Само тука испушта еден многу суштествен сегмент, а тоа е дека ние Македонците со македонско национално чувство се залагавме за обединета, самостојна и независна Македонија со вековен континуитет историски, етнички и јазичен. А, малубројните Бугаро-Македонци каков што е Георгиевски беа/биле за самостојна и независна Македонија (како втора бугарска држава на Балканот). Ова е огромна разлика! Македонија без македонство не може!

Понатака во низата бесмислености, поранешниот војвода, вели: „кој и’ забранува на Македонија да контактира со МПО“? Просто да се посомнева човек дали се слуша што кажува, дали има логична смисла кажаното. Зошто институциите од Македонија би комуницирале со дијаспора што не ја признава македонската засебност, кои се декларираат за Бугари и ја сметаат Бугарија за матична држава? Што добиваме ние од таквата комуниција, а и да добиеме која би била цената што треба да ја платиме? Како Георгиевски не се загрижи што Македонија ги сведе на најниско ниво односите со македонската дијаспора последниве 7 години, од било кога откако неговата партија постави директор на Агенцијата за иселеништво?! Или намерно е тоа така направено? Ние како држава треба да си водиме сметка за нашата македонска дијаспора и да градиме односи со неа, а сите други може да бидат само добродојдени гости, да се комуницира за бизнис, лични контакти и толку. Ни во сон не можам да замислам, бугарските институции да комуницираат со потомци на иселеници од пиринскиот крај, кој денес го вејат знамето од Кутлеш во Австралија, Европа или Канада.

Го спомена во интервјуто извесниот Тед Кочев, познат режисер кој бил „Македонец ама и Бугарин“, што е познат спин на двослоен идентитет, географски и етнички кој треба да внесува забуни. МПО е тема за историчарите, не за државните институции, доволно е само да се види какви навредливи квалификации објавуваат за македонскиот национален идентитет, па и држава. Јас не можам да комуницирам со некој кој ми вели дека сум титова творба. Националното чувство ти ја определува матичната држава, а државјанството каде си роден.

Една колумна е премалку за да се изнесат сите манипулации на политикантот и добриот оратор Љубчо Георгиевски, чија партија се занимава само со историски прашања (90% од соопштенијата им се за историја). Човек што завршил компаративна книжевност и чита само литература од бугарска провиенција и не познава методологија на наука и филозофија на наука, не може да очекува дека било кој сериозен историчар ќе излезе на дебата со него. Љубчо Георгиевски има дрскост и има дарба за политикантски извртувања, но замислете некој примариус доктор да излезе на дебата со надрилекар?! Не беше одамна кога во една емисија на радио Канал 77 се извини за некои непознавања на професорот Далибор Јовановски од Филозофскиот факултет.

Морам да признаам дека поранешниот премиер е употребливо средство на владиниот Пи-Ар за напад на опозицијата, но не е веќе корисно, само дразни нема влијание. Георгиевски во 1990 година ја згреши партијата, требаше да се посвети на создавање на партија на Бугари па да видевме дали ќе станеше премиер!

Македонец по род, чувство и наследство

Автор: Ѓорѓи Илиевски, Виш просветен инспектор во пензија за НетПрес