Дваесетиседумгодишната градоначалничка на градот Сан Висенте во Еквадор, во кој дивеат банди, е убиена, соопшти вчера локалната полиција.
Брижит Гарсија минатата година на 26-годишна возраст стана најмладата градоначалничка во јужноамериканската земја.
Таа, меѓу другото, водеше кампања за подобар пристап до вода за пиење за приближно 17.000 жители на Сан Висенте, околу 100 километри источно од Гвајакил.
Телото на Гарсија и на нејзиниот портпарол Џаиро Лоор биле откриени во саботата вечерта во автомобил на плажата на Пацификот во близина на Сан Висенте, прециизра полицијата.
-Премногу сум потресен, напиша на Х поранешниот еквадорски претседател Рафаел Кореа, кој како и Гарсија припаѓа на левичарската партија Граѓанско револуционерно движење.
Луиза Гонзалес, која беше кандидат на партијата на минатогодишните претседателски избори и загуби во вториот круг, напиша: „Никој не е безбеден во Еквадор“.
Минатата година во Еквадор беа убиени неколку политичари.
Безбедносната ситуација во Еквадор драстично е влошена. Стапката на убиства од околу 46,5 убиства на 100.000 жители минатата година беше највисока во историјата на земјата и една од највисоките во Латинска Америка.
Владата на претседателот Даниел Нобоа во јануари прогласи вонредна состојба, која сè уште е во сила, по повторените крвави тепачки во еквадорските затвори, од кои некои се контролирани од банди, и по бегството на водач на банда.