Утре престанува да важи рестриктивната мерка за угостителите. Тие ќе може повторно да работат до 21 часот, но, дали ќе има продолжување за уште два часа, до 23:00, како што бараат, ќе се знае идната недела.
Оваа одлука Владата ја донесе вчера и со неа се укинува одлуката за ограничување на работното време на рестораните и другите угостителски објекти за работа до 18:00 часот што стапи во сила на 18 декември 2020 година.
– Со одлуката се враќа работното време на овие објекти утврдено со претходната одлука, односно тие ќе можат да работат до 21:00 часот, со исклучок на рестораните и другите угостителски објекти на аеродромите, на бензинските пумпи и во хотелите кои од 21 јануари ќе можат да работат со редовното работно време согласно законот – соопшти владината прес-служба.
Претходно за владината одлука преку своите фејсбук профили информираа и премиерот Зоран Заев, како и министрите за здравство и за економија, Венко Филипче и Крешник Бектеши.
– На седницата ги разгледавме епидемиолошките насоки, при што Владата донесе одлука дека почнувајќи од 21 јануари, угостителските објекти ќе работат до 21 часот. Со оваа одлука заршува и вонредното ограничување на работното време во угостителските објекти на бензиските пумпи, како и за гостите сместени во хотелите, мотелите, хостелите и останатите сместувачки капацитети, при што ќе можат да работат со редовното работно време утврдено со законот за работа на овие угостителски капацитети – напиша Заев.
Министерот Филипче наведе дека идната недела, откако ќе се анализира епидемиолошката состојба во земјава, можно е дополнително олабавување на мерките.
Тоа го потврди и Бектеши.
– На седница на Влада усвоивме предлог, од 21.01 работното време на угостителските објекти да биде до 21 часот. Следната недела, откако ќе ја анализираме епидемиолошката состојба во земјата, можно е дополнително олабавување на мерките, односно работното време на угостителските објекти да биде до 23 часот – стои во објавите на Филипче и Бектеши.
Министерот за економија и завчера, одговорајќи на новинарски прашања, рече дека очекува работното време на угостителските објекти да биде продолжено до 23 часот. Сепак, како што напомена, тоа ќе зависи, пред се, од Комисијата за заразни болести.
– Не се работи за нови протоколи, а до кога ќе биде продолжувањето на работното време ќе зависи од Комисијата за заразни болести. Имајќи ја предвид ситуацијата, мислам дека ќе биде до 23 часот – истакна Бектеши.
Скратувањето на работното време на угостителските објекти стапи во сила на 18 декември 2020-та и согласно владината одлука донесена по препорака на Комисијата за заразни болести, треба да заврши утре, на 21 јануари. Целта на оваа рестриктивна мерка беше спречување на ширењето на ковид-19. Угостителите реагираа и, како што укажуваа тогаш, се уште се на ставот дека ниту еден угостителски објект што ги почитува протоколите, не е извор, ниту причина за ширење на корона заразата.