Украински функционер во понеделникот тврдеше дека украинската војска ги користела ракетните системи HIMARS испратени од САД, за да уништат 50 руски складишта за муниција откако му биле испорачани на Киев во јуни, но артилерискиот оган на руските војски не запира, пренесуваат агенциите.
Во коментарите на националната телевизија, украинскиот министер за одбрана Олексиј Резников тврдеше дека е зголемен ефектот на повеќекратните ракетни системи со висока мобилност и долг дострел HIMARS во настојувањето да се одбијат руските напади.
„Ова ги прекинува нивните (руските) логистички синџири и им ја одзема способноста активно да се борат и нашите вооружени сили ги опсипуваат со тешко гранатирање“, тврдеше Резников.
Агенцијата Reuters забележува дека не е можно независно да се потврдат коментарите на Резников. Руското министерство за одбрана веднаш не одговорило веднаш на барање за коментар.
Резников рече и дека украинската артилерија извела „прецизни“ напади врз неколку мостови. Не откри поединости, но наводно станува збор за три речни важни речни премини во регионот Херсон кој од средината на март го контролираат проруските сепаратисти и руската војска. Сепак, агенциите пренесуваат дека руските војски непречено ги користат мостовите во регионот. Херсон, инаку, веќе две седмици е жестоко гранатиран од украинската војска со системите HIMARS во најава на претстојна украинска контраофанзива, но која сѐ уште не е започната.
Резников, исто така, рече дека Украина примила три противвоздушни оклопни борбени возила „Gepard“, прва пратка од 15 такви едници, и дека Киев очекува пратка од неколку десетици германски тенкови „Leopard“
Русија во петокот објави дека во периодот од 4-ти до 20-ти јули уништила четири ракетни лансери и возило за полнење на системите HIMARS, прецизирајќи четири локации на наводните такви напади. Исто така, во Москва и во последниот извештај од понеделникот тврдеше дека руските војски уништиле уште едно складиште за проектили за американските ракетни системи во регионот Хмјелницики на западот на Украина. Киев ги негира таквите тврдења.
Украинските власти повторно велат дека зголемени испораки на оружје од Запад се клучни за евентуално воено напредување на нивните сили, и ја истакнуваат важноста на американските HIMARS поради руската артилериска супериорност и бројно и во поглед на муницијата.