Украинците на протестот во Скопје побараа: Затворено небо над Украина

Здружението на Украинците во земјава „Лесја Украинка“ денеска организира протестен марш против „војната и безграничната суровост од страната на Русија кон Украина“.

Тие денеска излегоа на плоштад Македонија со транспаренти преку кои бараат воведување на зона на забранети летови.

„Ова е нечовечки, монструозен подмолен напад од страна на Русија. Русија без жал уништува украински градови и села, убива цивилно население. Покрај руската агресија насочена кон уништување на украинското население и инфраструктура се јави нова закана за цела Европа и пошироко. Со руската инвазија на удар е ставена и глобалната нуклеарна безбедност. Јавно се обраќаме до Владата на Република Северна Македонија со апел за итна потреба од затворање на воздушниот простор над Украина, што може да ја запре ескалацијата“, рече претседателот на Здружението на Украинците, „Лесја Украинка“, Олександр Урбанович.