Украинската опозиција го обвини претседателот Зеленски за автократија

Украинската опозиција го обвини во четвртокот претседателот Владимир Зеленски за автократско однесување, откако судот ја замрзна сопственоста на претходниот претседател Петро Порошенко, како и две телевизии во кои сопственички удели имаше Порошенко.

Имотот и сопственоста се замрзнати во рамките на истрагата против Порошенко чија цел е да утврди дали поранешниот претседател сторил велепредавство со финасирање на руските и рускојазичните бунтовници во југоисточна Украина во 2014 и 2015 година додека бил претседател.

Порошенко ги отфрла обвинувањата, а неговата партија Европска солидарност ја нарече пресудата на киевскиот Печерски суд „нелегална и неправедна“ тврдејќи дека со неа се сака да се замолчи опозицијата на Зеленски.

Зеленски не ја коментираше одлуката на судот, но претходно ги отфрли обвинувањата дека сака да ги контролира обвинителите и правосудниот систем.

Судот, исто така, ги замрзна имитите на телевизиите „Прям“ и „5канал“. Порошенко беше сопственик на овие телевизии до ноември, кога станаа дел од концерн.

Минатиот месец обвинителството побара од судот одобрение да го уапси Порошенки со можност да плати огромна кауција.

Порошенко не е во Украина од крајот на декември, кога медиумите блиски на Зеленски известуваа дека наводно пребегал во Русија. Но неговата партија објави дека тој се наоѓа на турнеја во европските земји и дека планира да се врати во Украина на 17-ти јануари. Самиот Порошенко сѐ уште не ја коментираше пресудата.

Олигархот Порошенко кого го нарекоа „кралот на чоколадата“ поради холдингот за производство на слатки „Рошен“, е еден од најбогатите Украинци. Како прозападен политичар беше донесен на власт по безредијата на киевски Мајдан и превратот пролетта 2014 година кога беше соборен легално избраниот претседател Виктор Јанукович кој беше близок со Москва, а откако Јанукович во договор со Западот го смени уставот на земјата со скратување на претседателските овластувања и се согласи на предвремени избори на крајот од пролетта 2014-та.

Зеленски лесно го победи Порошенко на претседателските избори во 2019 година, кога го обвинуваше својот противник за корупција и ветуваше прекинување на влијанието на олигарсите.