Минатиот месец бил еден од најтоплите јули досега забележани во светот, објави во вторникот Светската метеоролошка организација (СМО – WMO), специјализираната агенција на Обединетите нации со седиште во Женева.
„Можеме да кажеме дека годинешниот јули е еден од трите најтопли досега евидентирани, а истовремено е интензивен и долготраен топлотниот бран, како што сите можеа да се уверат, погоди бројни делови во Европа“, изјави портпаролката на СМО, Кларе Нулус на конференција за новинарите.
Во соопштението за медиумите на СМО, кој се повикува на податоците од Службата Коперникус за климатските промени, се појаснува дека јули 2022 година бил само незначително постуден од јули 2019 година, но малку потопол од јули 2016 година.
„Меѓутоа, температурната разлика меѓу споменатите три месеца била навистина многу мала“, изјави Нулис, додавајќи дека „отстапувањето е помало од маргината на можната грешка“.
Глобално температурата забележана изминатиот месец за 0,4 Целзиусови степени ја надминала онаа забележана во референтниот период од 1991 до 2020 година. А сето тоа и покрај присутноста на природниот феномен Ла Ниња, кој според СМО „би требало да го има ефектот на ладење“.
Минатиот месец СМО ги повика светските челници „да се разбудат“ и да сфатат дека Европа минува низ невообичаени топлотни бранови коишто, поради климатските промени, ќе станат сѐ почести и ќе се јавуваат континуирано најмалку до 2060 година.