Унгарија двапати во петокот ги подигнувала борбените авиони

Унгарија во петокот двапати ги подигнувала своите борбени авиони „Saab JAS 39 Gripen“ за да ги истражи сомнителните радарски контакти, но летачки објекти не се пронајдени, објави унгарскиот министер за надворешни работи Петер Сијарто.

Унгарската противвоздушна одбрана прво во четвртокот вечерта го детектирала и следела леталото кои го минало нејзиниот воздушен простор, објави Сијарто. Се покажа дека тоа бил дронот кој подоцна ноќта кон петокот се урна во Загреб, додаде шефот на унгарската дипломатија.

Во истражувањето на инцидентот се вклучени повеќе членки на НАТО, Хрватска, Унгарија и Романија, додава Сијарто, велејќи дека земјите меѓусебно соработуваат во истрагата.

Унгарската противвоздушна одбрана вториот сомнителен радарски сигнал го дектектирала во петокот околу пладне. Унгарските ловци полетале од воздухопловната база во Кечкемет но не пронашле никаков сомнителен летачки објект, вели Сијарто.

Третиот случај се случил во текот на петокот попладнето со иста реакција и ист исход.

Сијарто вели дека за радарските сигнали ги известил своите романски, хрватски и словенечки колеги.

„Бидејќи во соседството ни се случува војна, исклучително е важно воздухопловните сили и противвоздушната одбрана да бидат мирни и да имаат одмерена реакција“, додаде Сијарто.

„Мораме да ги заштитиме Унгарија и унгарскиот народ, но не смееме да бидеме вовлечени во војната во соседството на ниеден начин“, истакна шефот на дипломатијата.

Во меѓувреме се огласи и романското министерство за одбрана коешто соопшти дека беспилотното летало кое се урна во Загреб во романскиот воздушен простор минал само три минути.

„Леталото во романскиот воздушен простор пристигна од Украина во 22,23 часот и го напушти во 22,26 ласот. Објектот леташе брзо и ниско, над груб терен и по лоши временски услови што ни оневозоможи да го идентификуваме“, се вели во романското соопштение.

Го идентификуваше, меѓутоа, унгарската противвоздушна одбрана и потврди дека станувало збор да беспилотно летало од советско производство „Туполев Ту-141 Стриж“.