Унгарија ќе стави вето на санкциите против лидерот на босанските Срби

Унгарија ќе даде вето на евентуалните санкции кои Европската Унија би ги вовела против Милорад Додик, српскиот член на претстаделството на Босна и Херцеговина, наведе унгарскиот министер за надворешни работи Петер Сијарто.

Сијарто појасни дека ЕУ со едногласна одлука може да воведе санкции против било кого, но мора на сите да им биде јасно дека Унгарија нема да подржи никакво казнување на Милорад Додик и на Република Српска.

Тој потсети дека Аналена Бербок, новата шефица на германската дипломатија пред неколку дена побара санкции против Додик.

– Загрижени сме поради ваквите изјави, бидејќи БиХ се наоѓа е во нашиот регион. Зачувувањето на стабилноста и мирот во земјата е нашиот основен безбедносен приоритет. Берлин е малку подалеку, но сепак доволно блиску за некој од таму се качи на авион и долета до Бања Лука. Одлетајте и преговарајте. Разговарајте со Србите. Со нив, а не за нив. Можеби тоа ќе ви помогне да ја разберете ситуацијата – објави Сијарто на Фејсбук.

Раководството на Република Српска традиционално негува добри врски со Владата на Унгарија предводена од премиерот Виктор Орбан.