Печатот на гласачките личиња е задолжителен, но по пресуда на Управниот суд во првиот круг од локалните избори за важечки биле прогласени и ливчиња кои немале печат, но граѓаните го оствавриле своето гласачко право, рече Александар Даштевски, претседател на Државната изборна комисија на денешната седница.
Државната изборна комисија ја поништи предложената измена на упатството за важечки и неважечки гласачки ливчиња во пресрет на вториот круг од локалните избори.
Даштевски на денешната седница на ДИК, објасни зошто Комисијата вчера направи измена на Упатството за важечки и неважечки гласачки ливчиња, која предизвика многу реакции, но поттикна и сомнежи и забелешки дека е постапено спротивно на законот што може да фрли дамка на изборниот процес.
ДИК, претходно ги извести избирачките одбори задолжително да постапуваат според членот 109 став (2) и да ставаат печат на секое гласачко ливче, но доколку има ливчиња без ставен печат, за таквите да постапат согласно член 115, а во врска со член 110 од Изборниот законик и таквите ливчиња да бидат важечки доколку волјата на гласачот е јасно изразена.
Членот 109 став 2 од Изборниот законик вели дека „гласачкото ливче се откинува од кочанот на блокот по нумерички редослед, му се става печат на предната страна и потоа му се дава на избирачот“.
Измената, како што објасни претседателот на ДИК била направена по пресуда на Управниот суд, според која ливчињата кои биле без печат ги прогласил за важешки, а на едно избирачко место во Шуто Оризари ќе има прегласување.
– Сите членови на ДИК стоиме зад ова што го кажа претседателот. Само сакаме да нагласаме дека оваа новонастаната ситуација не произлесе од ДИК, туку од пресудата на Управниот суд. Одговорност не сноси ДИК – рече Борис Кондарко, член на ДИК.
Предложената измена, која сега е поништена, предвидуваше за важечки да се сметаат и гласачките ливчиња без печат, во ситуации кога е направен пропуст од страна на избирачкиот одбор. Во оваа ситуација за важечки ќе се сметаат само ливчињата со задолжителен печат.
Втор круг од локалните избори ќе има во 44 општина, а освен во Шуто Оризари, прегласување ќе има и на едно избрачко место во Дебар.