Ураганот „Франсин“ денеска му се заканува на Њу Орлеанс и пошироката област на Мексиканскиот Залив, од Луизијана до Флорида и Алабама. Гувернерот на Луизијана Џеф Ландри прогласи вонредна состојба пред бурата која се очекува попладне да го погоди делот западно од Њу Орлеанс. Се очекуваат пороен дожд, ветрови, а и торнадо.
Американскиот претседател Џо Бајден исто така прогласи вонредна состојба за таа сојузна држава на федерално ниво, што ќе ги забрза неопходните операции за помош или спасување.
Неколку окрузи во близина на Заливот издадоа наредби за евакуација, а државниот Оддел за транспорт објави мапи за евакуација на областа. Градот Њу Орлеанс дистрибуира вреќи со песок на пет локации.
„Денеска се очекуваат деструктивни и опасни по живот урагански ветрови во делови од јужна Луизијана, каде што е на сила предупредувањето за урагани“, соопшти американскиот Центар за урагани.
Центарот вчера вечерта ја зголеми предвидената сила на претстојната временска непогода од тропска бура на ураган. Центарот верува дека на скалата Сафир-Симпсон, „Френсин“ ќе остане во првата категорија на најслаби урагани, но приватната метеоролошка компанија AccuWeather верува дека и тој ќе премине во втората категорија со максимална брзина на ветер од 154 до 177 километри на час.
Бурата ќе се движи блиску до брегот на Тексас, така што производители на нафта и гас ги напуштија платформите во Мексиканскиот залив.