Урнат рекордот за најсподелуван твит во историјата на социјалната мрежа

Јапонски милијардер е авторот на најсподелуваниот твит во историјата на социјалната мрежа, објави Би-Би-Си.

Маезава го постигна тоа, откако вети дека ќе подели 100 милиони јени (околу 925 илјади долари) на 100 случајни корисници на твитер кои ќе го споделат неговиот пост.

Маезава е основач на јапонската компанија за онлајн шопинг на облека Zozo, а твитот го напиша за да ги одбележи 10-те милијарди јени заработени од продажба за време на новогодишните празници.

Маезава на Западот стана познат откако се пријави да биде првиот туристички патник на Месечината, патување организирано од компанијата на Илон Маск – SpaceX. Летот треба да се оствари во 2023 година.

 

Со своите над 4 милиони ретвита Јусаку Маезава ја презеде челната позиција од американскиот тинејџер Картер Вилкерсон.

Во 2017 година Вилкерсон се кладеше со синџирот за брза храна „Вендис” дека доколку постот му биде споделен 18 милиони пати цела година треба да добива бесплатни пилешки прсти.

Тој собра само 3,5 милиони ретвита, но го собори светскиот рекорд, а „Вендис” сепак му ја исполни желбата.