Уште една мистериозна смрт во Русија: Тајкун поврзан со „Газпром“ пронајден мртов во Санкт Петербург

Рускиот милионер Јуриј Воронов (61), поврзан со енергетскиот гигант „Газпром“, е пронајден мртов во базенот на неговата вила во Санкт Петербург. Воронов е еден од неколкуте членови на руската елита кои загинаа под неразјаснети околности во изминатите неколку месеци.

Јуриј Воронов (61), шеф на логистичка компанија која имала профитабилни договори со „Газпром“ на Арктикот, е пронајден мртов во својот дом во ултра богатото предградие на Санкт Петербург во понеделникот околу 14 часот, јавуваат медиумите.

Воронов бил пронајден како лебди во базенот со прострелна рана во главата. На дното на базенот се пронајдени уште неколку чаури.

Тој е шестиот богат руски бизнисмен кој починал во мистериозни околности од почетокот на годината, многу од нив биле поврзани со „Газпром“, а двајца од нив загинале во истото предградие на Санкт Петербург како Воронов. Рускиот истражен комитет ја истражува смртта на Воронов, која во моментов ја припишуваат на „спор со деловните партнери“.

Неговата сопруга, наводно, им кажала на истражителите дека Воронов верувал дека бил измамен за „многу пари“ од „нечесни“ изведувачи и партнери.

Но, бројот на смртни случаи во други куќи во близина на Санкт Петербург доведе до гласини за убиства кои се инсценирани за да изгледаат како самоубиства.

Александар Тјулаков (61), висок финансиски и безбедносен функционер на „Газпром“, е пронајден обесен во неговата куќа во ексклузивната зграда Ленински. Инспекторите рекоа дека тој се самоубил, но локалните извештаи велат дека неговото тело покажувало траги од тепање – што укажува на тоа дека бесењето било наместено.

Три недели претходно, во истата станбена зграда, 60-годишниот Леонид Шулман беше пронајден избоден до смрт во неговата бања. Шулман беше шеф на транспортот во „Газпром“ Инвест, инвестициски проекти на енергетскиот гигант.

Милијардерот Александар Суботин (43), поранешен извршен директор на енергетскиот гигант Лукоил, исто така беше пронајден мртов во мај откако „зел совет од шаман“. Една од теориите е дека тој бил отруен со отров од жаба кој предизвикал срцев удар.

Во април, богаташот Владислав Аваев (51), поранешен функционер на Кремљ, си го одзеде животот откако ги уби сопругата Јелена (47) и ќерката (13). Тој имаше силни врски со водечката руска финансиска институција Газпромбанк. Постојат тврдења дека тој имал пристап до финансиските тајни на елитата на Кремљ.

Неколку дена подоцна, мултимилионерот Сергеј Протосенија (55) беше пронајден обесен во Шпанија, откако ги убил сопругата Наталија (53) и нивната ќерка тинејџерка Марија. Тој беше поранешен заменик-претседател на Новатек, компанија исто така тесно поврзана со Кремљ. Како и со Аваев, се сугерираше дека ова можеби бил обид за атентат направен да изгледа како убиство-самоубиство.

Минатата недела мултимилионерот Евгениј Палант (47) и неговата сопруга Олга (50), двете родени во Украина, беа пронајдени мртви од нивната ќерка Полина (20), со повеќе убоди со нож. Палант го стекна своето богатство како филантроп во Абхазија, регион во Грузија признаен од Русија како независна држава. Имал интереси и во различни компании поврзани со руската елита.