Уште осум починати од коронавирусот во Србија и 339 новозаразени

Србија во изминатите 24 часа регистрирала 339 нови случаи на зараза со коронавирусот, а осум лица починале како последица од болеста Covid-19, покажуваат официјалните податоци кои во петокот ги објавија српските здравствени власти.

Според соопштението на Кризниот штаб при српската влада, веќе втор ден по ред се забележува пораст на бројот на заболенитите на кои во текот на терапијата им е неопходна помош за дишење. Во четвертокот вакви пациенти имаше 159 а во петокот 162, додека бројот на хоспитализираните е 4.305, малку помалку од ден претходно кога во „ковид-болниците“ имаше 4.353 пациенти.

Меѓу заразените во моментов има 642 здравствени работници, а 74 се хоспитализирани.

Србија и натаму е во тешка но стабилна епидемиолошка ситуација, оцени инфектологот и член на Кризниот штаб, др Мијомир Пелемиш. Додаде дека „болниците и натаму се оптоварени, но и дека „има доволно места“ во текот на викендот да се згрижат сите пациенти на коишто им е неопходно билничко лекување од Covid-19.

Србија од почетокот до 31-ви јули пријави вкупно 573 починати од коронавирусот меѓу 25.552 заразени, колку што се регистрирани со вкупно 668.984 направени тестови од првиот пријавен пациент на 6-ти март.