Утре истекува рокот за избор на специјален обвинител

Согласно Договорот од Пржино за надминување на политичката криза утре истекува рокот за избор на специјален обвинител.

Работните групи на политичките партии и белгискиот експерт Питер Ванхауте работеа за време на викендот, а засега нема официјални информации дали е постигнат договор.

Ванхауте во петокот најави дека е подготвена предлог верзија за измена на Законот за избор на специјалниот обвинител, која тој ја претстави пред работните групи.

Според Договорот од Пржино до 15-ти септември треба да има нов специјален обвинител со целосна автономија да ја води истрагата за случаите „Прислушување“ и „Пуч“. Специјалниот обвинител го именуваат потписниците на Договорт.

Согласно договореното, на 1-ви септември опозициските пратеници се вратија во Собранието на Република Македонија.

Oпозициските пратеници се вратија во Собранието
Oпозициските пратеници се вратија во Собранието

Со Договорот од Пржино се предвидува и избор на нова влада. Владата ќе биде исбрана на 15-ти јануари 2016 година, 100 дена пред парламентарните избори што ќе се одржат на 24-ти април 2016 година.

На чело на новата влада ќе биде нов премиер номиниран од страна на ВМРО-ДПМНЕ.

Програмата на Владата е ограничена на организирање предвремени парламентарни избори. Предвидено е на 20-ти октомври да бидат именувани нови министри за внатрешни работи и за труд и социјална политика по предлог на СДСМ.

Во тие министерства истовремено ќе бидат именувани нови дополнителни заменици министри на предлог на ВМРО-ДПМНЕ.

Заменици министри, по предлог на СДСМ, пак, ќе бидат именувани во министерствата за финансии, за земјоделство, шумарство и водостопанство и за информатичко општество и администрација. Тие заменици-министри ќе имаат полно право на преглед и вето во соодветните министерства по сите правни, финансиски и кадровски прашања поврзани со организацијата на изборите.

Што беше договорено на средбата во Пржино проследете на следниот линк.