Амбасадорите на земјите членки на ЕУ вчера дадоа зелено светло за формирање на хоризонтална работна група за борба против хибридните закани, со посебен фокус врз лажните вести и дезинформациите.
Оваа работна група е предлог на трите последователни претседателства, романското, финското и хрватското.
Според документот до кој дојде Агенција Европа, претседателствата планираат да исцртаат глобален и кохерентен пристап во борбата против хибридните закани и дезинформациите, преку зајакнување на, меѓу другото, детекцијата, превенцијата, и размената на информации и на најдобри практики меѓу земјите членки.
Групата ќе се обиде да елаборира “заедничко разбирање“ на хибридните закани во ЕУ и да овозможи поголема соработка во делот на стручноста и познавањето на заедничките ситуации и проценки на хибридните закани, во секој облик.
Борбата против лажните вести и дезинформациите ќе биде важен дел во работата на оваа група, според документот. Групата сака да придонесе кон сензибилизација за штетните последици од дезинформациите и обидите за манипулација на информациите, како и да овозможи изготвување на заедничка европска политика за зајакнување на стручноста, меѓу другото на медиумите во ЕУ, но и во земјите од нејзиното непосредно соседство.
Целта на овој зафат, исто така, е подобра размена на информации со онлајн платформите преку кои најмногу се шират лажните вести, како и генерално со медиумите. Групата ќе работи и на создавање услови и координација на работата помеѓу земјите за да се обезбедат слободни и фер изборни процеси, преку борбата против лажните вести.