Севернокорејскиот водач Ким Џонг-ун веројатно е потежок од 140 килограми, според процената на вештачката интелигенција, изјави во средата јужнокорејски пратеник.
За здравјето на севернокорејските челници во соседната земја и на Западот често се шпекулира, а тоа обично е строго чувана тајна на северниот дел од Корејскиот полуостров. Ист е случајот и со здравствената состојба на сегашниот севернокорејски челник Ким Џонг-ун, за кого се верува дека има 39 години, бидејќи е неумерен пушач, според снимките во државните медиуми очигледно се здебелил и има семејна историја на кардиоваскуларни проблеми. Неговиот татко Ким Џонг Ил умре во 2011 година од срцев удар.
Ју Санг-беом, член на јужнокорејската парламентарна комисија за разузнавачката заедница, изјави дека се верува дека Ким има „сериозно“ нарушување на сонот, повикувајќи се на разузнавачки извештај дека Северна Кореја за него интензивно собира најнови медицински сознанија за лекување на несоницата.
„Тој се појави уморен со јасни темни кругови околу очите за време на неговото појавување во јавноста на 16-тиi мај, а според анализата на вештачката интелигенција беше проценето дека тежел преку 140 килограми“, изјави за новинарите Јо, член на парламентарната комисија за разузнавање по брифингот од Националната разузнавачка служба.
Севернокорејските строго контролирани државни медиуми ретко го споменуваат здравјето на својот челник, но во март весникот Rodong Sinmun објави дека Ким работи постојано до 5 часот наутро, цитирајќи го дека се навикнал да работи ноќе, пренесе јужнокорејската новинска агенција Yonhap.
Јужнокорејската разузнавачка агенција ја следи можноста Ким да влезе во „маѓепсаниот круг“ на сѐ поголема зависност од алкохол и никотин и сѐ потешка несоница, имајќи ги предвид големите количества странски цигари и грицки кои се увезуваат во земјата, изјави пратеникот Јо.
Брифингот со новинарите беше одржан неколку часа откако шестото лансирање на сателит на Северна Кореја заврши неуспешно, при што ракетата носач и товарот паднаа во морето, како што известуваат јужнокорејските извори. Јо рече дека, се чини, дека Ким го следел лансирањето на лице место.