Вајнстин ослободен од едно од обвиненијата за силување

Судот во Њујорк денеска отфрли едно од шестте точки од обвинението против продуцентот Харви Вајнстин, кој се товари за силување. Станува збор за обвинувањата од Луси Еванс, според која, Вајнстин ја натерал на орален секс во неговата канцеларија во 2004 година. Таа имала 21 година и требало да разговараат за нејзината актерска кариера.

Петте други обвиненија, меѓу кои и наводните напади врз други две жени остануваат во случајот пред кривичниот суд на Менхетн. Вајнстин изјави дека не е виновен ниту по една точка од обвинението.

Обвинителството се согласило да се повлече обвинението поради доказите кои се појавиле во текот на судењето. Имено постоеле проблеми со исказот на Еванс при разговорот со главниот детектив, а обвинителите откриле стари лични писма од Еванс во кои таа сугерира дека нејзината средба со Вајнштајн била на обострано задоволство.

Адвокатот на Вајнстин, Бенџамин Брафман, на судијата му рекол дека верува оти Еванс лажела пред Големата порота, и дека верува оти детективите корумпирано се обиделе да влијаат на случајот со тоа што ја спречиле Еванс да сведочи за нејзините погрешни прикажувања.

Сепак, остануваат обвинувањата против Вајнстин за силување на жена во негова хотелска соба во 2013 година, како и за принудувачки сексуален однос со друга жена во 2006 година.