По добиените 7.020 вакцини од компанијата „Pfizer“, кои доцна синоќа пристигнаа на аеродромот во Тирана, имунизацијата против Covid-19, која во Албанија се одвива под мотото „Албанија со насмевка“ во вторникот започна и во севернот град Скадар.
Почетокот на вакцинацијата што се одвива во спортската сала „Ќазим Дервиши“ одблиску ја следеше премиерот Еди Рама и министерката за здравство Огерта Манастирлиу, која најави дека утре вакцинацијата ќе почне и во приморскиот град Валона.
„Вакцинацијата ќе ја интензивираме. По синоќешната пратка од 7.020 вакцини до крајот на месецов очекуваме да прстигне нова количина. Утре ќе го отвориме центарот за вакцинација во Валона а потоа и низ целата држава“, рече министерката.
За Скадар и Валона издвоени се по 1.500 вакцини, а ќе бидат опфатени сите вработени во инфективните, ургентните одделенија и пулмологија, како и вработените и во другите одделенија кои се над 55-годишна возраст. Ќе бидат вакцинирани и лицата сместени во старски домови.
Поради најавата за протест на жителите од поплавените подрачја видно беше присуството на полицски службенци.
Сепак, дел од жителите Рама го дочекаа со чамец поставен во сѐ уште неповлечената вода со повеќе пароли меѓу кои и „Рама дење те убива, ноќе те плаче“. Во ова подрачје сѐ уште под вода се големи површини.