Вашингтон подготвен да ја запре новата мигрантска колона

Администрацијата на американскиот претседател Доналд Трамп порача во вторникот дека е подготвена да го сопре новиот карван на имигрантите од Централна Америка со зајакнувањето на воените единици на јужната граница на САД.

„Големо мноштво доаѓа преку Мексико во надеж дека ќе ја преплави нашата јужна граница. Испративме воено засилување. Ќе изградиме човечки ѕид доколку е потребно. Да имавме вистински ѕид ова ќе беше неважен настан“, напиша претседателот Доналд Трамп на Twitter во пресрет на традиционалниот годишен говор за „состојбата на нацијата“ во кој, покрај другото, според најавите ќе стане збор и за мигрантското прашање.

„На северот од Мексико се 2.000 странци кои во рамките на поворката сакаат да влезат во Тексас. Подготвени сме да ги спречиме во намерата“, порача подоцна за медиумите министерката за татковинска безбедност Кирстјен Нилсен во писмена изјава.

Републиканскиот претседател води жестока битка со демократската опозиција, којашто не сака да го финансира неговото предизборно ветување за градење на ѕидот по должина на границата со Мексико. Демократите ја добија првата битка кога се изборија за делумна блокада на работата на сојузната влада која траеше 35 дена, но не попуштија во врска со барањето од 5,7 милијарди долари за финансирање на градењето на ѕидот.

Пентагон потоа најави дека на границата ќе испрати уште 3.750 војници, со што нивниот вкупен број се искачува на 4.350 војници. Притоа Трамп се закани дека ќе прогласи вонредна состојба за да може да го финансира својот проект.

Десетици илјади имигранти кои бегаат од сиромаштијата и криминалот во Хондурас, Гватемала и Славедор, илегално влегоа во САД последните години и таму понделе барања за азил, дополнително оптоварувајќи го имиграцискиот систем.