Вереницата на убиениот саудиски новинар Џамал Кашоги, побара од челниците на англиската фудбалска Премиер лига да ја запрат продажбата на клубот Њукасл Јунајтед на Фондот за јавни инвестиции на Саудиска Арабија (PIF).
Како што пренесуваат британските медиуми, вереницата на убиениот Кашоги, турската државјанка Хатиџе Ченгиз, испратила писмо до челниците на Премиер лигата барајќи состанок за да разговара за предложеното саудиско преземење на прволигашот Њукасл Јунајтед.
Фондот за јавни вложувања на Саудиска Арабија (PIF), на чиешто чело е саудискиот престолонаследен принц Мохамед бин Салман, понуди 340 милиони евра за преземање на Њукасл Јунајтед. Токму принцот Мохамед е осомниечн дека стои зад грозоморната ликвидација од 2-ри октомври 2018-та во саудискиот конзулат во Истанбул на новинарот Џамал Кашоги кој поради критиките на политиките на кралското семејство мораше да замине во егзил во САД, каде што пишуваше за весникот The Washington Post.
Кашоги исчезна ден откако влегол во конзулатот за да добие документи за венчавката со Ченгиз. Според, претпоставките на повеќе разни истраги, тој бил убиен во текот на мачење во зградата на конзулатот, а неговото тело потоа распарчено и уништено.
Турција, американската Централна разузнавачка агенција (CIA) и специјалната претставничка на ОН, Ањес Каламард, директно го поврзаа саудискиот престолонаследник Мохамед бин Салман со убиството, но монархијата ги негираше обвинувањата. Анкара поднесе обвинување за 20 осомничени, меѓу кои и за двајца поранешни советници на саудискиот принц.
По повеќенеделни негирања тогаш, Ријад призна дека Кашоги е убиен, а дополнително судот во Саудиска Арабија изрече смртни казни за петмина обвинети, главно припадници на разизнавањето. Уште тројца обвинети добија затворски казни со вкупно траење од 24 години, а блиските соработници на принцот Салман се ослободени од сите обвиненија.
„Премиер лигата не би требала да дозволи некој како Мохамед бин Салман, кој сѐ уште не се соочи со каква и да е одговорност за убиството на мојот вереник, во толкава мера да биде вклучен во спортот во Велика Британија. Во спротивно, ова многу ќе го наруши угледот на Премир лигата и Велика Британија“, се наведува во писмото.
Ченгиз испратила писмо и до навивачите на Њукасл Јунјатед барајќи од нив да разгледаат дали саудиското преземање на клубот е „вистинскиот излез од очајот“ во кој ги доведе сегашниот сопственик на клубот Мајк Ешли.
„Ви пишувам во клучен момент од историјата на вашиот славен фудбалски клуб. Престолонаследникот Могамед бин Салман, апсолутниот владетел на Саудиска Арабија, има намера да го преземе вашиот клуб нудејќи огромна сума пари. Но, престолнаследните е обвинет дека го наредил убиството на Џамал. Сите веродостојни истраги покажаа дека тоа е негова одговорност. Во својота земја не е осуден бидејќи ја контролира со челична тупаница. Ве молам да размислите дали прифаќањето на понудата на Мохамед бин Салман навистина е вистинскиот пат од очајот за вашиот клуб“, напиша Хатиџе Ченгиз.
Се огласи и директорката на британскиот огранок на меѓународната организација за човекови права Amnesty International, Кејт Ален, која во писмо до извршниот директор на Премир лигата, Ричард Мастер, побара да се спрели саудиското преземање на Њукасл Јунајтед.