Вест Хем се впиша во историјата на новиот стадион на Тотенхем

Фудбалерите на Вест Хем со голот на Мајкл Aнтониo во 67 минута го победија во 36-то коло од англиското првенство на гости Тотенхем со 1:0 и така станаа првиот клуб кој постигна гол и победи на речиси милијарда евра скапиот нов стадион на Тотенхем.

Тотнехем во среда го игра првиот полуфинален меч во Лигата на шампионите со Ајакс, и очигледно беше дека играчите на „Спарси“ во текот на лондонското дерби беа насочени со мислите на шансата на кариерата да се пласираат во големото финале на најквалитетното континентално натпреварување. Вест Хем тоа умешно го искористи и славеше на гости по дури четири месеци.

Тотенхем остана трет со 70 бодови, но сега три повеќе од Челзи и четири од Арсенал кои имаат и меч помалку во борбата за Лигата на шампион. Вест Хем е 11-ти со 46 бодови.

Вулверхемптон на гости со 2:1 го победи Вотфорд и му се одмазди за шокантниот пораз во полуфиналето од ФА Купот. Вулверхемптон поведе во 41 минута со голот на Раул Хименез, Вотфорд израмни преку Андре Греј во 49 минута, а победата на гостите во 77 минута им ја донесе Диого Јота. Вулверхемптон сега е 7-ми со 54 бодови, без шанси за пробив кон местата кои водат во европските купови. Вотфорд е две места подолу на табелата со четири бода помалку.

Кардиф Сити се најде пред испаѓање од Премиер лигата по поразот од веќе испаднатиот Фулам за кој стрелец беше Рајан Бабел во 77 минута. Фулам собра 26 бодови, но и натаму е на претпоследното 19-то место, а Кардиф е место погоре со 31 бод, но сега на две кола до крајот има четири бода помалку од Брајтон кој е 17-ти и од таа позиција останува во лигата.

А Брајтон успеа да се спаси од домашен пораз од Њукасл, откако во 75 минута израмни преку Паскал Грос, а гостите уште во 18 минута во водство ги доведе Ајозе Перез. Њукасл со 42 бода е безбеден на 13-та позиција.

Ремизираа без голови Кристал Палас и Евертон. Кристал Палас е 12-ти со 43 бодови, а Евертон е 8-ми со 50 бодови.

Најинтересниот и најефикасниот дуел во саботата го одиграа Саутемптон и Борнмут кои ремизираа со резултат 3:3. Домашните поведоа во 12 минута со голот на Шејн Лонг, но до крајот на полувремето гостите направија пресврт со головите на Дан Гослин и Калум Вилсон во 20 и 32 минута. Во вториот дел Саутемптон го пресврти резултатот кога стрелци беа Џејсм Вард-Проус во 55 и Мат Таргет во 67 минута, а гостите на крајот заслужено избегнаа пораз со вториот погодок на Вилсон во 86 минута. Саутемптон е 16-ти со 38 бодови, а Борнмут има 42 бода и е на 14-то место.

Неделната програма започнува во 13 часот со дуелот меѓу Лестер и Арсенал, во 15,05 часот Барнли го пречекува Манчестер Сити, а во 17, 30 часот започнува дербито на колото меѓу Манчестер Јунајтед и Челзи.