(ВИДЕО) Египѓанец во 75-та година стана најстариот професионален фудбалер во историјата

Египѓанец во 75-та година стана најстариот професионален фудбалер во историјата

Египѓанецот Езелдин Бахадер, кој има шест внучиња, според Гинисовата книга на рекордите стана најстариот професионален фудбалер во светот, откако го одигра и вториот 90-минутен натпревар кусо пред својот 75-ти роденден.

Светскиот рекорд на Бахадер е признат во саботата вечерта, по регистрирањето на натпреварот на којшто тој не реализираше пенал. Натпреварот кој го одигра неговиот тим „6-ти Октомври“ заврши со резултат 3:2 во полза на противникот Ел Ајат во третата египетска лига.

Поранешниот аматерски фудбалер, кој на 3-ти ноември ќе наполни 75 години, во март на својот дебитантски натпревар како професионалец постигна погодок од пенал. Истиот месец имаше намера да го одигра и вториот 90-минутен меч за да го собори светскиот рекорд, но прекинот на спортските настани и активности поради пандемијата од коронавирусот ги одложија неговите планови.

Досегашниот рекорд му припаѓаше на 73-годишниот Израелец Исак Хајик.

Бахадер претходно на новинарите им кажал дека има 75 години, велејќи им дека едноставно ги „заокружил“ годините. Благодарејќи на неговите доцни години, екипата на „6-ти Октомври“ доби спонзори и доби голем публицитет.

На саботниот натпревар во гледалиштето биле и некои од внуците на Бахадер кои го бодреле со повиците „Напред дедо!“.