ВИДЕО| Москва вели дека експлозијата во магацинот со муниција на Крим била „саботажа“

Руското министерство за одбрана во вторникот објави дека военото складиште за муниција крај селото Мајское во областа на градот Џанкоја на северниот брег на црноморскиот полуостров Крим е оштетено во саботажа.

Како што претходно објави агенцијата РИА, повикувајќи се на кримските власти и изјави на очевидци, во магацините за муниција избувнал голем пожар откако се слушнал „силен тресок“.

Претходно во вторникот беше објавено дека се случил пожар на трафостаница на Крим оддалечена 20 километри од Мајское.

Агенцијата ТАСС потоа ја пренесе изјавата на министерството за одбрана дека всушност цивилната инфраструктура, вклучително и станицата за снабдување со електрична енергија е оштетена како резултат на саботажа.

Истиот извор истакнува дека нема сериозно настрадани од пожарот и детонациите кои следеле.

Од Украина никој официјално досега ниту го потврди, ниту го негираше вмешаноста на Киев во оваа и минатата експлозија во воздухопловната база на Крим.

„Се преземаат неопходните мерки за санирање на последиците од диверзијата“, додале од руското министерство за одбрана и забележуваат дека пријавени се оштетувања на цивилни објекти како далноводи, трафостаници, железничката пруга и станбени објекти.

Пожарот во ограденото складиште за муниција на воена единици распоредена крај селото Мајское избувнал во 6.15 часот утрото во вторникот по локално време. Според Сергеј Аксјонов, челникот на Крим, лесно и умерено се повредени двајца цивили. Областа е блокирана и поради претпазливост евакуирани се околу две илјади луѓе.

При детонации и раштркување на муницијата оштетена но набрзо санирана била железничката пруга во областа. Сообраќајот, сепак, ќе биде обновен дури откако бидат преземени сите безбедносни мерки.