(ВИДЕО) Најмалку 26 мртви во експлозија во близина на главниот шиитски храм во Кабул

Бомбаш самоубиец се разнесе во близина на главниот шиитски храм во авганистанската престолнина Кабул во средата убивајќи притоа најмалку 26 луѓе и ранувајќи уште 18 други, соопштија властите.

Деновиве шиитските муслимани, вклучително и во Кабул, го прославуваат празникот Новруз со кој се одбележува почетокот на ткн персиска нова година.

Експлозијата се случила во кабулскиот кварт Карт-е-Сакхи, во близна на болницата „Али Абад“ и Универзитетот Кабул, потврдил портпаролот на авганистанското министерство за внатрешни работи, додавајќи дека овој храм и претходно бил цел на напади и оти се стравува дека бројот на жртвите ќе расте.

Одговорноста за нападот веднаш ја презема ултрарадикалната сунитска организација Исламаска држава, за којашто шиитите се отпадници од верата и се цел на нејзини напади ширум светот.

Последнава експлозија којашто го погоди Кабул покажува дека главниот град на Авганистан и натаму е загрозен од терористички напади и покрај ветувањата на владата дека ќе ги засили безбедносните мерки по нападот во јануари во кој беа убиени стотина луѓе.

Експлозија во средата е последната во низата насочени против шиитите во Кабул, а се случила додека верниците излегувале од храмот. Според очевидци на нападот, амбулантно возило натоварено со експлозив минало крај полициски контролен пункт во близина на канцеларијата на Високиот мировен совет и голем број странски дипломатски мисии, а потоа неговиот возач го детонирал.

Новруз е древна персиска прослава на почетокот на пролетта и се слави и во другите региони на Авганистан, но на неа се противат некои муслимански фундаменталисти кои сметаат дека е против духот на исламот.