(ВИДЕО) Нови безредија пред амбасадата на САД во Багдад, Вашингтон испраќа маринци

Иранската новинска агенција YJC објави видео од безредијата пред и на територијата од американската амбасада во Багдад во средата, а медиумите јавуваат дека САД го засилуваат контигентот во својата дипломатска мисија во Ирак.

Претходно регионалните медиуми јавија дека американската војска употребила солзавец против демонстрантите. Според телевизијата Al Arabiya, солзавецот во средата бил користен за да се растераат демонстрантите кои наводно се обиделе да го запалат покривот на амбасадата.

Протестите пред амбасадата започнаа веднаш по погребот на 25-те припадници на ирачката шиитска милиција Катаиб Хезболах, кои се дел од паравоеаната ирачка коалиција ал-Хашд ал-Шааби која ги водеше копнените борби во офанзивата за враќање на контролата над ирачката територија која ја држеше ултрарадикалната сунитска органиација Исламска држава. Багдад остро ги осуди американските напади, и во прашање ја доведе натамошната соработка со Вашингтон.

САД од своја страна порачаа дека одлуката за воздушниот напад била донесена поради „повторените напади од страна на Катаиб Хезболах врз ирачките бази“. Како што појасни Пентагон, кој оваа милиција ја обвинува за поврзаност со Иран, нападите биле одговор на акциите на движењето во кои во петокот загинал еден американски државјанин и беа ранети четворица војници во базата крај градот Киркук.

Американскиот државен секретар Мајк Помпео изјави дека за организацијата на нападот врз комплексот на американската амбасада во Багдад во вторникот стојат „терористите и сојузниците на Иран“.

Според изданието Military Times, САД веќе разместиле 100 маринци за осигурување на амбсадата, а од небо ситуацијата ја контролираат два борбени хеликоптера „Apache“. Покрај тоа, американскиот министер за одбрана Марк Еспер изјави во вторникот дека Вашингтон во најскоро време поради нападот врз амбасадата во Багдад ќе испратат околу 750 војници во регионот.