Пет лица се повредени во првата трка со бикови годинава на прославениот фестивал во шпанскиот град Памплона, јави во неделата јавниот сервис RTVE, цитирајќи го портпаролот на локалната болница.
Сите петмина повредени се пренесени во болницата. Тројца се повредени од рогови на бик, додека другите двајца имаат потрес на мозокот. Меѓу повредените е и 23-годишен американски државјанин од сојузната држава Кентаки, кој се здобил со најтешки повреди, се наведува во извештајот на болницата.
Првата брканица по улиците на средновековниот град до арената за корида, траела две минути и 41 секунда, јавуваат локалните медиуми. На фестивалот, инаку, се одржуваат вкупно осум трки.
Контроверзниот фестивал Сан Фермин беше отворен во саботата. Илјадници луѓе, облечени традиционачно во бело и црвено, ја гледаа ракетата која во пладнето беше истрелана од балконот на градскиот совет. Неколкумина активисти на здруженијата за заштита на животните People for the Ethical Treatment of Animals (PETA) и Animal Naturalis протестираа против одржувањето на фестивалот пред градскиот совет во Памплона. Демонстрантите беа облечени во црна долна облека, носеа рогови и лежеа на земјата, со што протестираат против убивањато на животните во арените. Ваквите протести се одржуваат наназад веќе 16 години, потсетува весникот La Vanguardia.
Низ Шпанија од 6-ти до 14-ти јули се одржуваат празнувања на фестивалот Сан Фермин, на коишто главен настан и атракција е трката со биковите, од кои најпозната е онаа во Памплона. Во Педрегер ова празнување се нарекува Bous al career/Bous de Pedreguer или Бикови на улиците. Организаторите ги пуштаат животните да трчаат по тесните улички во старите делови на шпанските градови, кои се пренатрупани со луѓе за кои тоа претставува забава, но неретко завршуваат со тешки потврди, па и со смртни случаи.
Популарната традиционална манифестација Сан Фермин Фестивал се состои од три дела, кога осу,м дена со ред шест црни борбени бикови јурат по тесните улички на градот кон арената. Почетоците на манифестацијата се во средниот век, од 1591 година, кога ги обединувала верското празнување во чест на свети Фермин, заштитникот на шпанската покраина Навара, традицијата на трговските саеми и коридата.
Првиот дел од фестивалот има религиозен карактер и е во чест на светецот Фермин кога по улиците на Памплона минува процесија. Вториот дел е комерцијален со елементи на танц, театар и музика, а третиот е оној кој привлекува илјадници туристи секоја година, а многубројни телевизиски екипи доаѓаат во Памплона. Односно, секое утро точно во осум часот по тесните улици на градот се пуштаат разјарени бикови пред кои Шпанците но од година в година и сé повеќе туристи зависни од адреналин и опасност трчаат бегајќи пред нивните рогови и копита.
Последниот ден од манифестацијата во Памплона се одржува последното „енсеро“, во кое учествуваат шест разгневени бикови подготвени за коридата што следува потоа и стотици луѓе кои бегаат пред нив до арената. За „енсеро“ организаторите обично избираат силни бикови, кои мора да ја минат специјално одредената патека и да дојдат до арената каде што во вечерните часови се одржуваат традиционалните борби со бикови. Вообичаено, трките траат помалку од три минути.
Заедничкото трчање на биковите и луѓето често завршуваат со повреда, потешки ранувања па дури и смртни случаи. Биковите ги газат бавните „спортисти“ при што можат да ги задушат а се случуваат и тешки повреди нанесени со роговите на животните. Во 1924 година, за време на „енсерото“ во Памплона, загинаа 15 лица, додека последниот фатален случај беше забележан во 2009 година.
„Енсерото“ и „коридата“ (борбата со бикови) се традиција која не се одржува само во Памплона, туку и во повеќето градови од Шпанија за време на локалните прослави. Но Памплона ја доби светската слава, најмногу благодарение на Ернест Хемингвеј, кој за неа пишуваше со одушевување во неговиот познат роман „Фиеста“ („И сонцето изгрева“). Пред три години локалните медиуми објавија дека во една од трките „енсеро“ земал учество и правнукот на славниот писател, 50-годишниот Џон Хемингвеј.
Шпанската национална телевизија (TVE1) секој ден во живо врши преноси од памплонското „енсеро“ како и од борбите со бикови, проследени со коментар од страна на експерти и поранешни учесници. Празнувањето вклучува, покрај традиционалните „енсеро“ и „корида“ и многу други настани – концерти, натпревари, детски матинеа, улични атракции и голем огномет. Баровите и рестораните се отвори деноноќно и за овие девет празнични денови остваруваат колку речиси и целиот годишен приход.