ВИДЕО| Русија планира да ги распореди интерконтиненталните ракети „Сармат“ до есенва

Русија објави во саботата дека до оваа есен планира да ги распореди своите нови интерконтинентални балистички ракети „Сармат“, од кои стравуваат во Вашингтон бидејќи се тешкоуништливи а способни се изведување нуклеарни напади врз територијата на САД.

Целта којашто ја откри Дмитриј Рогозин, челникот на руската вселенска агенција Роскосмос, е амбициозен бидејќи Русија извести за своето прво пробно лансирање на овој проектил дури во средата. Западни воени стручњаци велат дека ќе бидат потребни повеќе тестирања пред ракетата да може да биде распоредена во редовна служба во армијата, н о некои сметаат и дека тајно веќе се направени доволно тестирања.

„Сармат“ е огромна ракета и тежи дури 208 тони, а долга е околу 35 метри. И покрај тоа, развива брзина од над 25.000 километри на час и има опсег на дејствување од околу 18.000 километри. Може да понесе од 10 до 15 боеви глави и мамци, секоја со капацитет до 750 килотони и може да погоди повеќе локации од една оддалечени со илјадници километри, на пример во САД или во цела Европа.

Тестот од оваа седмица, по неколкугодишниот развој кој на Западот сакаат да го припишат како доцнење поради наводни финансиски и технички проблеми, претставува демонстрација на моќта на Русија и нејзината супериорност во поглед на современите ракетни вооружувања во екот на војната во Украина којашто е кулминација на повеќегодишните тензии со САД поради ширењето на НАТО кон руските граници и се смета дека тензичните односи меѓу двете суперсили се на највисоката точка од Кубанската ракетна криза во 1962 година.

Рогозин во саботата во интервјуто за руската национална телевизија рече дека проектилите ќе бидат распоредени во Краснојарската област во Сибир, на околу 3.000 километри од Москва. Додаде дека ќе бидат поставени на истите локации и во истите силоси како и ракетите „Војевода“ од советскиот период кои сега се заменуваат со ракетите „Сарма“ (Сатана 2, според класификацијата на НАТО), додавајќи дека со тоа ќе се заштедат „колосални ресурси и време“.

„Лансирањето на супероружјето беше историски настан кој ќе ја гарантира безбедноста на руските деца и внуци во следните 30 до 40 години“, додаде Рогозин.

Стравувањата на Западот од опасноста од нуклеарна војна се зголеми откако рускиот претседател Владимир Путин на 24-ти февраури ја нареди она што тој го нарекува „специјална воена операција“ во Украина за заштите на рускојазичното население на југоистокот и „демилитаризација“ и „денацизација“ на соседната земја.

Пото, споменувајќи ги руските стратешки сили за одвраќање, Путин предупреди дека секое директно мешање на Западот во украинскиот конфликт ќе „доведе до последици кои никогаш не сте ги искусиле во својата историја“.

„Можносите за нуклеарен судир, кои некогаш беа незамисливи, сега повторно се можни“, изјави во март генералниот секретар на Обединетите нации, Антонио Гутереш, кој следната седмица ќе ги посети Москва и Киев.