Главните барања на партијата на Македонците во Грција за признавање на македонското малцинство и на македонскиот јазик, за воведување на нивниот мајчин јазик во образовниот грчки систем и натаму остануваат главните цели, објави МКД.
За таа цел Виножито до грчките власти ќе испрати и петиција за признавање на македонскиот јазик и воведување во државните училишта.
На третиот конгрес на Виножито, што денеска заврши во Горно Врбени, Леринско, беше одлучено партијата да учествува на наредните избори за европскиот Парламент во Грција, доколку за тоа успеат да соберат доволно пари.
На конгресот во Централниот комитет беа избрани и седум нови членови, што во партијата се толкува како голем успех затоа што сѐ повеќе млади Македонци почнуваат да се интересираат за активностите на партијата.
Јоргос Пападакис, беше кандидиран за потпретседателското место на Европската слободна алијанса (ЕФА), асоцијација на малцинските партии во Европа.
Виножито од грчките власти уште еднаш ќе побара регистрација на Домот на македонската култура во Лерин. Судот за човекови права ви Стразбур веќе донесе решение Домот на македонската култура да биде регистриран од грчките судови. Грција одбива да даде дозвола за регистрација и работа на Домот.