ВМРО-ДПМНЕ бара оставка од Лидија Димова заради незаконско работење

ВМРО-ДПМНЕ бара неодложна оставка од Лидија Димова, директорката на Националната агенција за европски образовни програми и мобилност. Во паника од откривањето на незаконското работење, директорката на Националната агенција за европски образовни програми и мобилност, Лидија Димова ги потврди наводите на ВМРО-ДПМНЕ и не демантираше ниту една поента од вчерашната прес конференција, изјави Стефан Андоновски од ВМРО-ДПМНЕ.

– Обзнанивме дека Димова, пуленот на Зоран Заев, трошела стотици илјади евра на самопромоција без тендер и доделувала финансии на свои блиски организации. Фрапантно е и дека Димова признава дека од благајната на Националната агенција недостасуваат пари, но таа не се согласува дека се работи за десетици илјади евра без покритие. Затоа, ја повикуваме Димова да ги прикаже на македонската јавност документите со кои се покажува дека во Агенцијата недостасуваат пари на граѓаните на Република Македонија и на граѓаните на Европската унија. Зошто таа, како одговорно лице, нема покритие зошто недостасуваат овие пари?! – вели тој.

Андоновски ја потсети Димова да одговори дали набавила возила во износ од 100.000 евра кои не се употребуваат за потребите на Агенцијата, туку за лични потреби? И дали дел од овие возила се сериозно оштетени, затоа што се несоодветно користени од лица блиски на Лидија Димова?

– Денес, прашуваме и дали се точни наводите во емаилот дека Националната агенција должи илјадници евра кон приватни и државни организации со кои има потпишано договори за грант? До нас стигнуваат поплаки дека средствата не се исплаќаат, а во исто време се бара и нивен поврат – вели Андоновски и истовремено, прашува дали директорката Димова врши влијание врз надворешни експерти при оценувањето на апликации и финални извештаи, при што фаворизира нејзини блиски организации и лица.

Тој вели дека подоцна таа ги ангажира тие лица како тела за вршење анализа и спроведување обуки за кои наводно исплаќала баснословни суми.

Андоновски ја обвини Димова дека се заканува, уценува, отвора дисциплински постапки и неосновано доделува откази на вработени во Националната агенција, со цел, како што вели, за да ги спречи вработените да не изнесуваат информации за незаконитото раководење на Агенцијата.

Тој додаде дека ВМРО-ДПММЕ има информации дека за ова поведение на Димова, информирани се службите на Европската комисија, ОЛАФ, како и Делегацијата на ЕУ во Скопје.