Ќе биде донесен закон за тутун со кој ќе биде забранет увоз на тутун сѐ додека не биде откупен последниот лист домаше тутун, посочувајќи дека ќе се врати достоинството и развојот на градот, истакна во четвртокот на трибината Промоции на политики- Македонија за сите луѓе“ пред прилепчани, Христијан Мицкоски, лидерот на ВМРО-ДПМНЕ.
„Нема да има тутунари кои што нема да бидат задоволни, затоа што првата работа што ќе ја направиме за тутунарите е да донесеме закон со кој што ќе биде забранет увозот на тутунот додека тутунот кој што е непродаден не се продаде до последниот лист и тоа го ветувам овде во Прилеп, до последниот лист произведен тутун, закон во македонскиот парламент“, вели Мицкоски.
Порача дека мотото и целта на ВМРО-ДПМНЕ е Прилеп повторно да стане најмоќен град во Пелагонија.
„Тоа се работи коишто ВМРО-ДПМНЕ уште на самиот почеток на идната влада која што ќе треба да се случи веднаш после победата на локалните избори, до крајот на оваа година, ќе ги донесе. Стојам овде, одговорно ве гледам во очи и ви го ветувам тоа, нема веќе неправди, ќе има развој и ќе го вратиме достоинството заедно со идниот градоначалник на Прилеп, за Прилеп повторно да биде најмоќниот град во Пелагонија. Тоа е нашата цел и тоа е нашето мото, јас ви го ветувам тоа“, порача Мицкоски.