Време е и Обвинителството да отвори случај со кој ќе го испита пропаѓањето на Еуростандард банка, кои кругови на власта спасувале предвреме пари и кои струмички фирми имале кредити во банката, изјави денес на прес конференција пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ, Иван Јорданов.
Тој рече дека пропаѓањето на Еуростандард банка открива огромен сомнеж за две работи.
„Првата дека одредени кругови на власта поради бизнис интереси ја втурнуваат банката во пропаст и втората, додека стотина илјади сметки се блокирани, 20 милиони евра ќе останат ненаплатени, луѓе од власта знаеле дека банката пропаѓа и пред време извадиле илјадници евра“, изјави Јорданов, кој ја обвини министерката за финансии Нина Ангеловска дека ја искористила својата повластена позиција за да си ги спаси своите пари.
„Од одговорност не може да се извлече и НБРМ, која нетранспарентно и сомнително го управуваше целиот процесот. Народната банка го одбила барањето на сопственикот за воведување на администрација“, рече Јорданов додавајќи дека јавноста има право да знае за сите аспекти, бидејќи Народната банка ќе финансира и ги работи народните пари.