Во Австралија уапсени десетици противници на строгите мерки во пандемијата

Австралиската полиција упасила десетици лица во протестите против строгите мерки воведени за сузбивањето на ширењето на новиот коронавирус на кои учествуваа стотици луѓе ширум земјата.

Во Мелбурн, во жариштето на епидемијата во Австралија, околу 300 лица се организирале во протестна поворка против рестриктивните мерки кои се на сила веќе цел месец. Демонстрантите извикувале „Слобода“ и „Човековите права се важни“.

Протести се одржани и во другите голема австралиски градови, како Сиднеј, Бризбејн, Аделаид и Перт.

Сојузната држава Викторија бележи 70 отсто од сите зарази во Австралија и 90 отсто од сите смртни исходи од Covid-19. Во саботата извести за 11 починати и 70 новозаразени, што претставува значителен пад во однос на 725 зарази на 5-ти август, но помал отколку што очекуваа здравстевените власти по петте седмици строги карантински мерки.

Се очекува дека во неделата премиерот на најнаселената австралиска држава Викторија, Даниел Ендрјуз, да најави попуштање на некои од мерките, но и натаму повикува на претпазливост.

„Додека не биде решен здравствениот проблем, не може да се случи економското закрепнување“, изјави Ендрјуз.

Во саботата во сојузната држава Нов Јужен Велс потврдени се пет нови зарази, а по една во државите Квинсленд и Јужна Австралија.

Премиерот Скот Морисон во петокот рече дека седум до осум сојузни држави и тритории се согласиле да ги отворат своите внатрешни граници до декември. Навести дека евентуалното воспоставување сообраќаен коридор со Нов Зеланд, би можело да го поттикне туризмот и помошта во заживувањето на стопанството.

„Можеби, во недостиг од вакцина, така ќе мораме да живееме со години“, предупреди австралискиот премиер.