Црногорските здравствени власти потврдија во неделата рекордни 116 новозаразени со коронавирусот во еден ден, со што бројот на коронаинфицираните во земјата во вториот бран од епидемијата достигна 1.711, речиси шест пати повеќе отколку во првиот бран кога имаше 324 заразени.
Статистички гледано во Црна Гора има 281 лице заразено со коронавирусот на 100.000 жители, што е значително повеќе од другите земји во регионот.
Бројот на починатите од Covid-19 во вториот бран од епидемијата, кој започна кон средината на јуни, изнесува 23 и е повеќе од двојно поголем во однос на првиот бран кога од март до средината на мај имаше 9 починати.
Во моментов во црногорските болници се лекуваат 103 лица, од кои најмалку десет лица се во животна опасност и се приклучени на респиратори.
Црногорското Национално координативно тело за заразни болести нареди од полноќ задолжително носење маски за сите повозрасн од седум години на отворен и во затворен простот во градот Никшиќ, вториот по големна град во земјата, и во Цетиње. Истата мерка пред два дена беше воведена во главниот град Подготрица, каде живее третина од вкупното население на земјата.
Во пет општини на северот од земјата, Бијело Поље, Петњици, Пљевља и Рожае, пред две седмици беше прогласена епидемија, и таму на сила се уште поригорозни мерки со кои е забранета работата на угостителските објекти, забранети се собири на повеќе од две лица, како и забрана на напуштање на куќите и становите по 19 часот.
Од повеќето епидемиолошки мерки изземени се општините на црногорскиот брег, каде единственото ограничување се однесува на работата на угостителските објекти кои гостите може да ги служат до полноќ, а забранета е и работата на диско и ноќните клубови.
Епидемиолозите на црногорскиот Институтот за јавно здравје наведуваат дека поголем проблем во контролата на епидемијата е фактот дека заразените ги кријат своите контакти, за наводно да ги заштитат, со што овозможуваат на оние кои немаат симптоми да го шират вирусот.
„Криењето на лицата со кои се заразените биле во контакт, може само да направат уште поголем проблем. Имено, луѓе не сакаат да ги пријават своите контакти мислејќи дека на тој начин ги штитат, што не е точно. На тој начин им се штети на контактите, бидејќи може да се случи лицата да немаат симптоми но да ја носат инфекцијата и да заразат други“, соопшти за јавниот сервис, епидемиологот Игор Галиќ.