Меѓународниот театарски фестивал „Војдан Чернодрински“, кој по 55. пат требаше да почне во петокот, е одложен поради пандемијата. Според најавите, јубилејниот фестивал, доколку дозволуваат условите, може да се одржи во септември, во центарот за култура „Марко Цепенков“ во Прилеп.
Уметничкиот директор Катарина Хаџивасилева Коцевска се надева дека фестивалот ќе се одржи во септември.
„Ќе одржиме онлај состанок со членовите на фестивалот и ќе донесеме одлука што понатаму. Дај Боже кризата да помине и во септември да го одржиме 55-то издание на МТФ „Војдан Чернодрински“. А имав толку многу замисли за јубилејното издание. Реализацијата зависи не само од кризата, туку и од одлуките што ќе ги донесеме. Годинава воспоставивме соработка со европската мрежа за современа драма Еуродрама и треба да ги доделиме наградите за избрани драми“, вели Коцевска за порталот Маркукуле.мк.
Во планираниот термин, почетокот на јули, нема да се одржи ни фестивалот на народни инструменти и песни „Пеце Атанасовски“. Според најавите од надлежните, годинашното издание на фестивалот се поместува за крајот на август.
„Ќе има семинар, но ќе настапат редуциран број изведувачи, за да продолжи традицијата. Но поконкретно ќе се знае наскоро, по насоките од членовите на фестивалот, од Министерството за култура, за што јавноста ќе биде информирана – вели секретарот на фестивалот на народни инструменти и песни „Пеце Атанасовски“, Златко Лашкоски.