![koronavirus iran](https://i0.wp.com/netpress.com.mk/wp-content/uploads/2020/03/koronavirus-iran.jpg?resize=650%2C364&ssl=1)
Во Иран на секои десет минути едно лице умира од последиците на коронавирусот, објавил во четвртокот на Twitter портпаролот на министерството за здравство, Кјануш Џанапур, пренесува агенцијата Reuters.
Бројот на починатите во најпогодената земја од пандемијата на Covid-19 на Блискиот исток, се зголемил на 1.284, а бројот на заразените изнесува 18.407, од кои веќе оздравеле 5.970 пациенти, објави официјално во четвртокот иранското министерство за здравство.
„Според нашите информации во Иран на секои десет минути починува едно лице од коронавирусот“, а секој час се заразуваат 50 луѓе“, го цитира Reuters твитот на Џанапур.
Иранскиот претседател Хасан Роухани истовремено преку својата официјална веб-страница извести дека властите донеле одлука за затворање на некои типови продажни места поради ширењето на коронавирусот.
„Со исклучок на центрите за продажба кои се неопходни, вклучително и за дистрибуција на лековите, прехранбените производи и другите добра потребни за населението… другите чаршии, базари и трговски центри во кои се јавуваат гужви, нема да работат до 3-ти април“, порачува Роухани.
Иранскиот челник, исто така, изразува надеж дека наскоро ќе се намали опасноста од коронавирусот.
Иранските власти во пресрет на иранската нова година Намруз, им препорача на Иранците кои оваа година ќе ја прославуваат на 20-ти март, да ги ограничат патувањата особено во други градови. Покрај тоа, се воведуваат и мерки за контрола на движењето на населението и во случај на потреба, во карантин веднаш ќе бидат ставени лицата со симптоми на заболување од коронавирусот.
Главно иранските службени лица се ограничуваат на препораки, за откажување на патувањата кои не се неодложни, да нема непотребно престојување на отворени простори, а мерката за карантин не е наметната.