Во Каталонија симнато шпанското знаме, Пучдемон на испрашување во понеделник

Демонстрантите во каталонскиот град Жирона/Гирона, каде што отстранетиот каталонски претседател Карлес Пучдемон беше градоначалник од 2011 до 2016 година, го симнаа во неделата шпанското знаме од зградата во која е претставништвото на владата на Шпанија и на него напишаа „борбата продолжува“, додека стотици илјади Каталонци излегуваат на улиците ширум покраината протестирајќи против неговото апсење во Германија по налог на Мадрид.

Во Гирона, упориште на заговорниците за независност на Каталонија, зградата на претставништвото на шпанската влада е обоена во жолта боја која го симболизира барањето за ослободување на 25-те каталонски функционери од притвор. „Слобода за политичките затвореници“, пишува на големиот транспарент кој демонстрантите го носат во каталонската престолнина Барселона.

Полицајците на Цивилната гарда која е директно под управа на Мадрид, во оклопи и со штитови и пендреци направија коридор и пред претставништвото на Европската унија во Барселона. Каталонците се собираат и во Брисел пред зградата на европските институции.

Во неделата во 11,19 часот германската полиција го привела Карлес Пучдемон, поранешниот претседател на владата на Каталонија, кој со автомобил минувал од Данска во Германија. Полицијата потоа со комбе го пренела во притворот во градот Меуминстер, а во понеделник ќе биде изведен на испрашување пред истражен судија. Шпанија очекува негова екстрадиција откако во петокот повторно распиша европски налог за апсење. Пучдемон тогаш се наоѓаше во Финска, каде што престојуваше на покана од фински парламентарец и на Универзитетот во Хелсинки одржа предавање за ситуацијата во Каталонија. Таква активност пред еден месец имаше и во Данска, на покана на тамошните парламентарци.

Во петокот шпанскиот истражен судија во Мадрид одобри продолжување на процесот против 25-те каталонски функционери, меѓу кои е и Пучдемон, обвинети за бунт против Шпанија и организирање на референдумот за независност и покрај забраната од шпанскиот уставен суд. Пучдемон не се качил на летото од Финска за Белгија, каде што живее во егзил од крајот на ланскиот октомври, туку со автомобил заминал преку Шведска, Данска и Германија кон белгиското место Ватерло, каде што има пријавен постојан престој.

Неговиот адвоката Хаиме Алонсо Киевељас изјави дека имал намера да ѝ се пријави на белгиската полиција, откако бил издаден налогот за негово апсење. Откако на 27-ми октомври во каталонскиот парламент беше изгласано воспсотавување на независна Република Каталонија, врз основа на резултатите од референдумот од 1-ви октомври, по што интервенираше владата во Мадрид со суспендирање на автономијата на оваа средоземноморска покраина, Пучдемон замина во Белгија од каде што води меѓународна кампања. Во моментов седум каталонски функционери се наоѓаат во странство за да го избегнат апсењето.

На вонредните избори на 21-ви декември кои ги распиша Мадрид повторно мнозинство места освоија партиите за независност, но од тогаш не успеваат да воспостават влада. Прво затоа што шпанскиот суд го забрани кандидирањата, прво на Пучдемон а потоа и на Жорди Санчез, кој е во притвор крај Мадрид и судот не го пушти на условна слобода и забрани и двајцата да ги делегираат своите гласови или овластувања доколку бидат избрани на други пратеници. Во саботата требаше да се гласа за изборот на 51-годишниот поборник за независноста Жорди Туруљ и му беше потребно просто мнозинство и покрај несогласувањата меѓу трите водечки сепаратистички партии, но во петокот истражниот судија издаде налог за негово притворање со што продолжи неизвесноста откако беше одложена седницата во Барселона.

Со тоа започна да тече рокот од два месеца во кој партиите за независност мора да именуваат нов кандидата или Каталонците ќе мора повторно да излезат на избори, за кои Мадрид смета дека овојпат ќе ги загубат.

Но последните апсења предизвикаа мобилизација на приврзаниците на независноста и ги извлече Каталонците на улиците. Во петокот 35 лица беа повредени во Барселона кога демонстрантите наидоа на кордони полиција пред зградата на шпанската влада. Притворените каталонски функционери ги повикаа сонародниците мирно да протестираат. Во масовните собири во неделата засега нема инциденти.