Вкупната бројка на пациенти позитивни и суспектни на корона вирусот кои се лекуваат на инфективните одделенија во главниот град и во болниците низ земјава е 586 и има околу 860 празни болнички кревети во ковид центрите, информираат од Министерство за здравство.
– По извештаите на болниците кои пристигнуваат во Министерството за здравство на дневна основа, во болницата во Битола се хоспитализирани 33 пациенти позитивни и суспектни на Ковид 19. Во болницата во Штип се хоспитализирани 39 пациенти. На инфективното одделение во Тетово има 6 пациенти, во Велес се лекуваат 48 болни, а во Куманово 57 пациенти позитивни и суспектни на Ковид 19. Во ковид центарот во Охрид има хоспитализирано 40 пациенти, во Прилеп 27, во ковид центарот во Гостивар 10, а во Струга 14 болни. Во болницата во Струмица хоспитализирани се 28 пациент, во Кочани 15 во Кичево 5, Кавадарци 16, а во Гевгелија 6 лица позитивни и суспектни на корона вирусот. Имајте предвид дека бројките се менуваат од час во час, според направените приеми и исписи на пациенти – информираат од МЗ.
Во изминатите 24 часа во ковид центрите во Скопје се хоспитализирани 12 нови пациенти поради компликации од корона вирусот. Вкупно 242 лица сомнителни и потврдени за ковид-19 се лекуваат на инфективните одделенија во главниот град, а голем дел од нив се на кислородна поддршка.
Во последното деноноќие, на Интерните клиники имало 3 приеми. Во ковид центарот во ГОБ 8 Септември имало 5 примени пациенти и 3 биле примени на Клиниката за инфективни болести и фебрилни состојби во текот на вчерашниот ден.
Во изминатите 24 часа дома се пуштени 34 оздравени пациенти.
– Во ковид центрите на Интерните клиники се лекуваат 68 пациенти. Во ГОБ 8 Септември има вкупно 89 болни, а на Клиниката за инфективни болести и фебрилни состојби лежат 80 пациенти, додека на Иститутот за белодробни заболувања кај децата-Козле има 4 пациенти. На Клиниката за детски болести има едно дете позитивно на ковид-19 вирусот. Бројот на приеми во изминативе денови се намалува и утрово до 8 часот имало 300 слободни места, а се очекува во тек на денот по направените исписи на оздравените пациенти да се ослободат и дополнителни места – стои во дневниот извештај од Министерството за здравство.